(ВИДЕO) Нинџа и Кољо сакале да влезат во Србија преку Бугарија, српските полицајци ги вратиле

од desk4

Aлександар Василевски – Нинџа и Никола Митревски – Кољо, кои беа посочени од тогаш опозициската СДСМ како дел од организаторите на крвавиот упад во Собранието, синоќа при обидот да влезат во Република Србија, биле вратени од граничната полиција – дознава ТВ 24 од неофицијални извори.

Српската граница се обиделе да ја поминат преку Бугарија, на граничниот премин Градина, синоќа нешто после 19 часот, а со нив било и трето лице, извесен Слободан Милошевски. Откако граничната полиција не им дозволила да влезат во Србија, тие, според изворите на ТВ24, се вратиле назад во Бугарија.

Од српското Министерство за внатрешни работи, за сега не откриваат зошто им бил забранет влезот во државата. Сепак, извори од српските институции неофицијлно велат дека Василевски и Митревски се вратени бидејќи Србија не сакала дополнително комплицирање на односите со Македонија.

Три дена по настаните во Собранието, Социјалдемократскиот сојуз на прес конференција ги посочи двајцата како лицата кои ја насочуваат толпата кон пратениците.

„Еден од нив е и трипати осудуваниот Кољо кој заедно со Нинџа учествуваа во нападот на пратеникот Мухамед Зекири“ – изјави тогаш Дамјан Манчевски.

Од обвинителството велат дека Василевски и Митревски засега не се опфатени во постапката која се води за расветлување на настаните од упадот во Собранието на 27 април, иако не се исклучува можноста за проширување на предистрагата. Телевизија 24 се обиде да го контактира Александар Василевски, познат како Нинџа, меѓутоа неговиот мобилен телефон во текот на целиот ден беше исклучен. Пред помалку од една недела, тој беше приведен при рутинска сообраќајна контрола, заедно со Блаже Петровски, суспендиран од 6-та управа, поради настаните во Собранието.

Во 2006-та година, Василевски и Митревски добија затворски казни по три години за киднапирање, а на товар им беше ставен и обидот за убиство на клучниот сведок во случајот „Детонатор“.

Слични содржини