(ВИДЕО) Заев: Со Грција ќе се разговара, има волја на двете страни да се бара решение

од desk4

Премиерот Зоран Заев одговараше на новинарски прашања по заедничката прес конференција со косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Како ги коментирате пишувањата на грчките медиуми, дека се преговара веќе за можно решение на спорот?

Премиерот Заев: Ние немаме стигнато до таму да разговараме за некои нови имиња или слично, она кое овие денови ќе се разговара е потврда на желбата на двете страни за суштествено да навлезат во решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име.

Јас се надевам дека под посредништвото на Метју Нимиц ќе биде потврдена заедничката желба на двете страни, на Република Македонија и Република Грција за изнаоѓање на вакво решение, ние од наша страна тоа јавно го потврдуваме, тие се и напатствијата на нашиот преговарач, и се надевам дека состанокот ќе заврши во позитивна атмосфера, за да можеме понатаму да очекуваме разработка на можни решенија на овој проблем.

-Кога може да се очекува комплетирање на министерскиот тим, имајќи предвид дека има испразнети министерски места?

Премиерот Заев: Вечерва после враќањето од Косово во Скопје, имам состанок со коалиционите партнери , се надевам дека ќе биде последен состанок за да можеме да ги соопштиме имињата на предлог кандидатите до парламентот, за испразнетите места во Владата на Република Македонија.

-Рековте дека сте разговарале за неколку различни прашања, дали го споменавте и прашањето околу кумановскиот случај, затоа што се говори дека може да има меѓународна истрага, двајца се веќе екстрадирани, дали може да кажете нешто повеќе од ова, дали ќе има истрага?

Премиерот Заев: Значи секако ова е едно чувствително прашање кое не е предизвикано ниту од Зоран Заев ниту од Рамуш Харадинај, за кое што заслужуваат граѓаните од двете држави да ја знаат целата вистина, и од тој аспект имаме заеднички ставови дека треба да има меѓународна истрага, или поканети меѓународни претставници кои ќе ги соочат сите елементи и ќе ги дадат одговорите на прашањата кои што граѓаните ги заслужуваат.

И од Република Косово и од Република Македонија, апсолутно ние на ова прашање гледаме како на можност која што не смее да биде пречка за унапредување на соработката помеѓу двете земји, и убедени сме дека поради интересот на јавноста и сето она што претставува потреба на граѓаните, ќе одработиме за да може граѓаните да ја знаат целата вистина за овој случај, кој што знаете дека во Македонија заврши трагично, беа загинати полицајци.

Но секако сите прашања кои што сеуште се поставени како прашања а за нив нема одговори, граѓаните треба да ги добијат по пат на независна меѓународна истрага, од меѓународни претставници кои ќе ги дадат своите коментари во ваквиот случај.

-Вие рековте дека ќе го поддржите Косово во Евроинтеграциските процеси. Но за нас поитно прашање е зачленувањето во УНЕСКО. Дали Македонија ќе го поддржи зачленувањето на Косово во УНЕСКО?

Премиерот Заев: Знаете дека прашањето е одложено, не знаеме точно кога ќе се решава, јас се надевам дека паралелно со тоа ќе се решаваат и билатералните односи на Косово со Србија. Ние даваме голема поддршка на дијалогот кој што е отворен помеѓу Приштина и Белград, и во насока на тоа и решавањето на сите овие прашања. Косово треба да смета на поддршката на Република Македонија во сите свои процеси, но истовремено знаете дека и Република Србија е нашиот сосед, така што во делокругот на добрососедството со сите земји, се надеваме дека и билатерално ќе ги решаваат прашањата, а ние ќе бидеме овде за да ги помогнеме процесите на двете земји.

Слични содржини