За 10 месеци, ВМРО-ДПМНЕ изгуби четвртина од своите гласачи -118.000 гласови

од desk4

Првпат во оваа деценија, ВМРО-ДПМНЕ падна под 400-тини илјади добиени гласови, бројката од нешто повеќе од 335 илјади гласови на општинските советнички листи е поблиску до триста илјади отколку до редовниот резултат на партијата која ја води Груевски, информира Телма.

За десет месеци од ланските парламентарни ВМРО-ДПМНЕ изгуби повеќе од 118 илјади гласови или повеќе од една четвртина.

Бројките се неумоливи и никој не ги очекуваше, а најмалку од ВМРО-ДПМНЕ кои синоќа се соочија со загубата во своето ново седиште.

Губиток во однос на ланските парламентарни избори има и СДСМ, но е минимален кога ќе се спореди со загубата на опозицијата. Социјал-демократите освоија речиси 420 илјада гласови или 16 илјади помалку од лани или во проценти нивната загуба изнесува околу 4%.

Иако помалку тие сепак победија и прославија пред зградата на владата.

Во последните 4 изборни циклуси, СДСМ заостануваше по бројот на гласови на пратеничките листи или на општинските советнички листи, двапати дури имаа и помалку од 300 илјади гласови. За разлика од нив ВМРО-ДПМНЕ не се спушти под 415 илјади гласови.

15-ти октомври донесе огромна промена-оваа е графиконот на резултатите од последните 5 избори, ВМРО – ДПМНЕ почнува со 438 илјади во 2011-та и најголем резултат прибираат во 2014-та кога на парламентарните избори се искачија над 481 илјади гласови. Оттогаш два изборни циклуси паѓа нивниот резултат, лани за 30-тина илјади гласачи, а овие избори како што пресметавме за повеќе од 25 проценти.

СДСМ пак има спротивен правец засега. Во 2011-та почнуваат со 368 илјади гласови, за да паднат на локалните 2013-та на 298 илјади гласови, по што 2014-та се спуштаат уште – на 283 илјади. Потоа почнува раст, и лани го имаат најдобриот резултат во оваа деценија, со 436 илјади гласови. Оваа година имаат послаб скор, но освојуваат огромна предност пред директниот конкурент односно добија 86 илјади гласови повеќе.

Разлика има и во локалните избори, сега СДСМ стигна до 420 илјада гласови, а пред 4 години не успеаја да преминат 300 илјади гласови. На локално ниво во плус се 123 илјади гласови.

ВМРО-ДПМНЕ пак забележа помалку гласови сега 335 илјади на број, а пред 4 години за советничките листи имаше 79 илјади гласови повеќе.

Додека двете главни партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи освојуваат помалку гласови од ланските парламентарни избори, кај етничките албански партии има двајца добитници и двајца кои имаат помалку гласови.

Најмногу ќарува Алијансата за Албанците на Зијадин Села, освојува 13 илјади гласови повеќе од лани, кога ќе се пребројат партиските гласови на советничките листи. И ДУИ која лани речиси се преполови сега врати нешто, односно освои речиси 3 илјади гласа повеќе од парламентарните избори.

На друга страна ДПА продолжува со топењето, за една година изгубија повеќе од 14 илјади гласови или речиси половина од резултатот постигнат лани.

Изненадувачки делува и резултатот на Беса, една година по нивното деби имаат освоено на советничките партиски листи, 11 илјади гласови помалку. Или 20 проценти помалку. Од Беса славеа затоа што сметаат дека остварија успешен резултат наспроти коалицијата на локално ниво во Чаир меѓу СДСМ и ДУИ. А нивните приврзаници сметаа дека се измамени од Заев и од СДСМ затоа што лани заедно се бореа против ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Но, кога ќе се пресмета партискиот рејтинг на советничките листи излегува дека Алијансата за Албанците со својот скок од 35 проценти во крајниот резултат сега ја престигна Беса. На прво место по резултатот е ДУИ со над 89 илјади гласови, втора е Алијансата за Албанците со над 48 илјади гласови, трета е Беса со 46 и пол илјади гласови на советничките листи во општините, а длабоко четврта како на заминување е ДПА со помалку од 17 илјади гласови.

Според ова излегува дека дружбата на ДУИ и двоецот Села-Таравари со СДСМ во новата влада предводена од Заев им се исплатела на двете партии за да го подобрат резултатот. Интересно е што ДУИ, Алијансата и Беса имаа заеднички советнички листи во три општини, Гази баба, Охрид и Битола, каде освоија 4.900 гласови, но тие не се придодадени на нивниот партиски скор.

Слични содржини