50 нови волонтери од американскиот Мировен корпус пристигнаа во Македонија

од Vladimir Zorba

  50 нови волонтери од Американскиот Мировен корпус пристигнаа денес. Тие ќе ѝ се приклучат на групата од повеќе од 700 американски државјани, коишто волонтирале во Македонија од 1996 година досега.

Директорот на Мировниот корпус во Македонија Марк Ханафин, заедно со вработените во Мировен корпус Македонија, ги пречекаа волонтерите на аеродромот за да им посакаат добредојде.

„Ова е најголемата група волонтери во историјата на Мировен корпус Македонија. Од година во година, бројот на волонтерите сè повеќе се зголемува. Ова го покажува големиот интерес кој постои кај Американците служат во Македонија“ – изјави директорот на Мировниот корпус во Македонија, Марк Ханафин.

„Овие волонтери се поканети од страна на Владата на Република Македонија да работат во градови и села низ Македонија. Споделувањето знаења и искуства е значајно за сите што се инволвирани – за американските волонтери, како и за нивните локални партнер организации.“

За време на својот престој во Македонија ќе работат како наставници по англиски јазик, како дефектолози, и во областа на развојот на заедниците. Мировниот корпус е американска владина организација и спроведува програми во соработка со Министерството за образование, Министерството за локална самоуправа и со Министерството за труд.

Ова е 22 група волонтери на Мировен корпус. Тие ќе ги поминат првите 3 месеци во обука, што ќе вклучува изучување на македонскиот и/или албанскиот јазик и култура. Тие ќе почнат со својата служба во почетокот на декември.

 Мисијата на Мировниот Корпус

 Мировниот корпус е основан во 1961 година, од претседателот Џон Ф. Кенеди. Мировниот Корпус има три цели:

1. Да се обезбедат волонтери коишто ќе дадат свој придонес во развојот на заинтересираните земји преку размена на информации и искуства;

2. Да помогне луѓето од земјата домаќин да имаат подобро разбирање за луѓето од Америка;

3. Да помогне луѓето од Америка да стекнат подобро разбирање за народите од земјите низ светот.

Преку своите активности, волонтерите на Мировниот Корпус промовираат мир во меѓународната заедница и подобро разбирање меѓу луѓето од различни култури и традиции.

Слични содржини