Бизнис свет: Балкан, Европа…

од Vladimir Zorba

 

Сараево – Кувајтските инвеститори и претставници на фирмата „Ал дар нешенел риал естејт” покажаа интерес за инфраструктурни проекти во Босна и Херцеговина. Тие се заинтересирани за изградба на автопатишта, брзи патишта, железница и аеродром, а би инвестирале во БиХ ако деловниот амбиент би бил поповолен и по едноставен.

Лондон – Британија дупло ќе ги зголеми достапните средства за агенцијата за кредитирање на извозот за поддршка на трговијата со Катар на 4,5 милијарди фунти (5,7 милијарди долари). Тоа го изјави државниот секретар во Мин. за трговија Лијам Фокс.

Берлин – Германскиот синдикат Верди постигна трогодишен колективен договор за платите за речиси 2.000 вработени на аеродромот во Берлин. На овој начин се спречени идните можни штрајкови и откажувања на летови. Со договорот се предвидува просечно 14-процентно зголемување на платите во следните три години преку четири фази, зголемување на саатнината и подобрување на договорените услови за работа, се наведува во соопштението на Верди.

Дубаи – Амазон, американски гигант во трговија преку интернет, постигна договор за купување на Souq.com најголем сајт за онлајн трговија на Блискиот исток. Во заедничкото соопштение на компаниите не се изнесени финансиските детали. Преземањето ќе биде објавено во текот на 2017 година, се наведува во соопштението.

Брисел – Европската унија го одобри 130 милијарди долари вредното спојување на американските агро-хемиски гиганти Дау Кемикал и Дупонт. „Нашата денешна одлука обезбедува спојување на Дау Кемикал и Дупонд и нема да ги намали конкурентните цени на постоечките пестициди или иновации” – се наведе во соопштението на европската комесарка за заштита на конкуренцијата Маргрет Вестагер.

Пекинг – Државниот кинески енергетски гигант Синопек, соопшти дека забележал раст на нето профитот во 2016 година од 44 отсто. Тоа е прв годишен раст на профитот во три години, откако силната побарувачка и подобрите маржи во секторот за преработка помогнаа да се компензираат ниските цени на нафтата.

Дубаи – Претседателот на Иран Хасан Рухани изјави дека Техеран ги поздравува руските инвестиции во иранските гасни и нафтени полиња. Тој наговести значаен развој на соработката во областа на енергетиката меѓу двете земји.

Брисел – Кредитирањето на домаќинствата во еврозоната во февруари порасна по најголема стапка од крајот на 2010 година, додека кредитирањето на фирмите неочекувано падна. Тоа го покажаа објавените податоци на Европската централна банка (ЕЦБ)

Слични содржини