Димитров: Ќе нè биде и покрај Иванов

од desk2

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров за „Дојче Веле“ изјави дека „ќе нè биде… и покрај Иванов“, откако претседателот Ѓорге Иванов утринава ја прекина средбата со Димитров и премиерот Зоран Заев, на која што требаше да го информираат за содржината на договорот со Грција за името. Димитров вели дека Иванов нема право да одлучува во името на граѓаните.

„Во клучни времиња за државата, сите носиме историска одговорност. Дадовме сѐ од себе да создадеме можност граѓаните да добијат право на избор. Без разлика на политичката цена, спремни сме да ја преземеме одговорноста. Никој нема право да го спречи тој избор. Никој нема право да одлучува во името на граѓаните. Ќе не биде… и покрај Иванов“, изјави Димитров за „Дојче Веле“.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров утре во Берлин ќе се сретне со германскиот колега Хајко Мас, како и со членови на Парламентот. Ова ќе биде прва средба на Димитров и Мас, кој е шеф на германската дипломатија од март годинава, а претходно беше министер за правда.

Димитров на Мас ќе му ги презентира резултатите за напредокот на земјава изминатава година откако е формирана новата Влада, како и очекувањата за добивање препорака за почетокот на преговорите на членство во Европската Унија, велат од Министерството за надворешни работи (МНР).

„Утре одам во Берлин за да им кажам дека кај нас во Македонија имаме шанса за историски успех. Успех што треба да се поддржи со почеток на преговори за членство во ЕУ и со членство во НАТО“, напиша министерот Димитров пред неговото заминување за Германија.

Слични содржини