АД ЕСМ ќе го зголеми производството на струја од 1-ви декември

од Nikola Popovski

Ќе го зголемиме производството од 1-ви декември. ЕСМ има земено обврска за зголемување минимум 20% во однос на претходната година и тоа ќе значи 100% исполнување на обврските кон сите договорни органи што ги имаме, рече денеска првиот човек на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Тој на денешната прес-конференција истакна дека РКЕ заедно со Министерството со економија прават напори да најдат начин како овие корисници кои што преминале од слободниот на регулираниот пазар и ја користат енергијата на домаќинствата, повторно да бидат вратени на слободниот пазар.

-Малите потрошувачи да не бидат во една тарифа, туку е подобро да бидат во блок тарифа. Со тоа ќе се стимулира и штедењето, но исто така ќе има и економски бенефит, што беше пример и пракса со воведувањето на блок тарифите кај домаќинствата, изјави Ковачевски.

Тој информираше дека новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола кој се изработуваше во фабрика во Турција, вчера изутрина тргна со специјален камионски транспорт кон Битола. Трансформаторот се очекува да пристигне во РЕК Битола на 22 ноември, по што ќе бидат потребни 10-тина дена за да се изврши негова монтажа.

Како што информираат денеска од ЕСМ, 400-киловолтниот трансформатор со тежина од 240 тони се пренесува со специјална композиција преку патен транспорт низ Турција, бродски и патен транспорт низ Грција, и патен од преминот Меџитлија до РЕК Битола.

Слични содржини