Алтернатива: И оваа нова учебна година започнува со стари проблеми

од Vladimir Zorba

Како и секоја година, така и оваа на 1 септември започнува новата учебна година за сите ученици од основните и средните училишта во нашата земја. Но, и покрај нашите најдобри желби, и оваа нова учебна година започнува со старите проблеми, наследени од претходните години, како што е неможноста на учениците да учат на нивниот мајчин јазик, како нивно уставно право, отсуството на услови за учење, недостатокот на учебници, додека повеќе други учебници и годинава ќе продолжат со бројни содржински и јазични грешки, па дури и поттикнување на омраза и етнички предрасуди, соопштуваат од Алтернатива.

„Така, и овој септември учениците од Визбегово, Блаце и Идризово ќе ги затекне без училишни објекти во нивните населени места, факт што очигледно воопшто не ги загрижува владините челници, бидејќи тие и оваа година продолжуваат да не се занимаваат со таквите „минорни“ проблеми, решавајќи ги глобалните прашања како што е војната во Украина, додека учениците од овие населени места и оваа година ќе треба да издржат и да се снајдат како и досега.

Како тоа да не е доволно, недостигот на учебници за учениците од трето и шесто одделение го потврдија и претставниците од Министерството за образование и наука, кои велат дека ова задоцнување ќе биде кратко, но ако им веруваме на постапките, а не на зборовите на Владата, судејќи според минатогодишното искуство, кога дел од учебниците пристигнаа во јуни, учениците од овие паралелки и годинава нема да имаат учебници и повторно ќе учат со фотокопирани учебници, чии трошоци се разбира дека паѓаат на товар на нивните родители.

Затоа, оттука ги потсетуваме одговорните лица за образовните политики кај нас дека немањето учебници, поточно нивното доцнење, е на штета на учениците и на штета на знаењето, а тоа создава неизбришливи празнини кај учениците, што несомнено ќе влијаат и врз резултатите што ги покажуваат учениците на различни локални тестови и особено на меѓународните, каде нашата земја неслучајно е рангирана на последните места меѓу сите земји пресметани во овие тестови.

Се разбира, одговорноста за оваа неспособност и неодговорност паѓа на Министерството за образование и наука. Ако тие го сакаат најдоброто за учениците и ако се грижат за нивната иднина, најдобро е да се повлечат што е можно поскоро и да признаат дека не се способни да спроведат образовни политики и да им отстапат место на оние кои навистина се грижат за иднината на децата и нашата земја. Затоа што секогаш има алтернатива“.

Слични содржини