Арнаутовиќ им се извини на „пријателите од С. Македонија и Албанија“ (ФОТО)

од Nikola Popovski

„Вчера имаше некои жестоки зборови кажани на натпреварот за кои би сакал да се извинам, посебно на моите пријатели од С. Македонија и Албанија“, вака напаѓачот на Австрија, Марко Арнаутовиќ им се извини на сите за вчерашните груби зборови што ги изговори после премиерниот дуел на ЕУРО 2020 против Македонија.

Тој нагласи дека не е расист.

„Имам пријатели од речиси секоја земја и се залагам за различности. Секој кој ме знае е свесен за тоа. Извинете“, напиша Арнаутовиќ на албански и македонски.

„Јас не сум расист и никогаш нема да бидам. Во тој момент тоа беше борба на зборови поради пресилни емоции. Имам пријатели од цел свет. Жал ми е поради инцидентот и се извинувам. Ајде да заборавиме на тоа зошто не е дел од фудбалот“, додал Арнаутовиќ во денешното обраќање до новинарите.

Спортскиот директор на репрезентацијата, Питер Шетел, истакна дека „грдите зборови“ се дел од фудбалот.

„Најважно е дека Марко разјасни сè, дека нема никаква врска со политиката. Исто така е важно што тоа беше решено по натпреварот и двајцата застанаа едни покрај други и разговараа за тоа. Таа тема е завршена, да продолжиме понатаму“, рече Шетел.

Македонија вчера загуби со 3-1 против Австрија на премиерниот настап на нашата репрезентација на некое големо европско натпреварување.

 

Слични содржини