Балканот се тресе: 5,4 по Рихтер ја разбуди Црна Гора, 2,8 во БиХ

Според првите податоци објавени на веб-страницата на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ), земјотресот се случил на 75 км северозападно од Подгорица и на 32 км од Никшиќ.

од Бети Божиноска

Земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала ја разбуди Црна Гора утринава во четири часот и шест минути. Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија соопшти дека епицентарот бил на пет километри од градот Чараѓе во општина Плужине, пренесува „Дан“.

„Јачината на овој земјотрес во хипоцентарот изнесуваше 5,4 единици според Рихтеровата скала, што одговара на епицентралниот интензитет од VII степен од Меркалиевата скала (MCS). Епицентарот на овој земјотрес е лоциран на длабочина од 14 километри,“ информираат од Институтот.

Засега нема информации за материјални штети .

Потресот бил почувствуван низ цела Црна Гора, но и во Србија, Хрватска –  низ цела Далмација, особено околу Дубровник, но и во Сплит и Шибеник-Албанија и Босна и Херцеговина.

Пред речиси точно 45 години, на 15 април 1979 година, Црна Гора беше погодена од земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на земјотресот бил во Јадранското Море, меѓу Улцињ и Бар, на околу 15 км. Тогаш во Црна Гора загинаа 101 лице, а во Албанија 35, додека повеќе од 100.000 луѓе останаа без покрив над главата.

Според првите податоци објавени на веб-страницата на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ), земјотресот се случил на 75 км северозападно од Подгорица и на 32 км од Никшиќ. Во 4 часот и 30 минути на истата локација бил почувствуван уште еден помал земјотрес со јачина од 3,1 степени, јавува „Антена М“.

По првиот силен земјотрес, на ова подрачје биле забележани неколку поблаги афтершокови. Според податоците на ЕМАЦ, афтершоковите биле со јачина пд 2,8 до 3.2 степени по Рихтер.  До 6 часот биле регистрирани дури 15 земјотреси на територијата на Црна Гора и БиХ.

Сојузниот хидрометеоролошки институт соопшти дека утринава и во Босна и Херцеговина биле почувствувани два земјотреси, од кои епицентарот на вториот земјотрес со јачина од 2,8 степени по Рихтер бил во БиХ во 05:30 часот.  Земјотресот бил на 49 км југоисточно од Мостар и на 28 км северозападно од Билеќа, а бил регистриран на длабочина од 10 км.

Последниот потрес, според ЕМСЦ, е регистриран во 07:05 часот по локално време на 15 км североисточно од Билеќа, Босна и Херцеговина.

Слични содржини