„Берлинер цајтунг“  посветува подолг напис на одност на власта во Македонија кон оние кои мислат поинаку. Авторот Норберт Мапес-Нидек поаѓа од случајот со Александар Диневски, кого го означува како „антикорупциски активист“ кој е во истражен затвор од септември 2013 година. Диневски уште во 90-тите години ја напуштил полициската служба „оти веќе не можел да го поднесе постојаното мешање на политичарите во неговата работа“. Во октомври 2014 е осуден на четириипол години затвор оти, како што вели авторот, „заедно со поранешниот директор на агенцијата за борба против перење пари собирал документи кои го докажувале плаќањето мито при продажбата на македонскиот Телеком во 2001 година и му ги предал на еден новинар“.

018273089_303001-540x304

Судот под „криминално здружение“ подразбирал врски со мрежа која е во контакт со претставништвата на ЕУ и ОБСЕ во земјата, како и со полициската мисија на ЕУ „Проксима“. „Кој во борбата против корупцијата доставува информации до властите на ЕУ, очигледно работи за непријателот и мора да смета на соодветно казнување. Во Македонија, земја-кандидат за пристап во ЕУ, во меѓувреме на работите им се приоѓа слично како во Белорусија или Египет“, се констатира во текстот. Се укажува на 117-тото место на Македонија во однос на слободата на печатот, „зад Конго и Таџикистан, на последно место во Европа, на оваа страна од поранешниот Советски Сојуз“, пренесе Дојче Веле.

Во текстот е наведен и случајот со новинарот Зоран Божиновски. Во врска со заканата за судска постапка против лидерот на социјалдемократите Зоран Заев поради обелоденувањето на илегалното прислушкување, изнесена е и загриженоста на германската влада дека, покрај „неомилените претставници на граѓанското општество, (македноската, н.з.) влада атакува и против парламентарната опозиција“. Наведена е и информацијата дека „први жртви на државен прогон во Македонија веќе добиле политички азил во Германија, меѓу нив и еден полициски офицер од редовите на албанското малцинство“. За еврокомесарот Јоханес Хан се констатира дека „блокира било каква критика на (сметка на, н. з.) Македонија“.

„Македонија со катастрофалната положба на човековите права проаѓа толку лесно, оти ЕУ влета во стапица на владата во Скопје“. Тука е наведено дека Комисијата на ЕУ шест години последовно препорачува почеток на пристапни преговори со Македонија, но Грција секогаш става вето поради спорот околу името. „Навистина, препораката на Комисијата од година во година звучи се’ повоздржано, (…) но Брисел не сака да ја повлече. Тогаш имено – тоа се страхувањата – Грција би победила и ЕУ би го загубила целото влијание во Македонија. Во Скопје премиерот Груевски во меѓувреме ја користи таа дилема и дејствува се’ поотворено во стил на некој диктатор“, се вели покрај другото во написот на „Берлинер цајтунг“.

Слични содржини