Бесими: Буџетот реализиран согласно планот, капиталните со рекордна реализација, дефицитот понизок од планираното

од Nikola Popovski

„Буџетот за 2023 година е реализиран согласно планот и се одликува со историски највисоката реализација на капитални инвестиции и по сума и по процент на реализација на планот. Реализирани се 707 милиони евра капитални инвестиции или 97% реализација во однос на планот. Буџетски дефицит од 4,67% од БДП што е на пониско ниво од проекцијата (4,8%) и јавен долг од 59,3% што е на пониско ниво и од планот и од фискалните правила.

Ова го соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на средба со новинарите на која потенцира дека ова е прва фискална година, после 12 години, во која не е извршен ребаланс на буџетот.

„Реализацијата на вкупните приходи е 98,3%, на расходите 98,1%. Реализацијата на капиталните расходи или инвестициите е 43,5 милијарди денари или 707 милиони евра што претставува 97% реализација во однос на планот, 4,9% од БДП и 52% повеќе од 2022 година”, истакна министерот Бесими и додаде дека тоа е рекордна реализација на капиталните расходи во однос на планот, во последните десет години.

Она што е важно, како што напомена, е дека капиталните расходи заземаат значително место во структурата на буџетот и дополнително во 2023 година онаа што беше најавено е остварено, а тоа е дека капиталните расходи се реализирани на ниво повисоко од буџетскиот дефицит кој е реализиран на ниво од 41,423 милијарди денари.

„Ова значи дека задолжувањата се направени само за инвестиции, а при тоа се продолжи со определбата за фискална консолидација. Односно, буџетскиот дефицит е на ниво од 4,67% од БДП што е пониско од проектираното (4,8% од БДП). Ваквиот тренд следи од 2020 година. Буџетски дефицит во 2020 е релизиран 8% од БДП проектиран 8,4%, 2021 година реализиран 5,4%, проектиран 6,1%, 2022 реализиран 4,5% проектиран 5,4% од БДП. Така што ваквиот тренд продолжува и во 2024 година тој е проектиран на ниво од 3,4% што е согласно фискалните правила, ако се земе предви дека 0,4% од дефицитот е за спроведување антикризни мерки”, појасни министерот Бесими.

Напомена дека покрај зголемување на средствата за инвестиции, повеќе средства се одвоени и за поддршка на стопанството и граѓаните, односно 5,2 милијарди денари за компаниите, 8,8 милијарди денари субвенции во земјоделството, 1,97 милијарди денари за субвенции во образование, 874 милиони денари субвенции во културата и 185 милиони денари субвенции во спортот. Повеќе средства се трансферирани и до единиците за локална самоуправа во износ од 27,7 милијарди денари.

Министерот посочи и на поддршката што е реализирана за справување со кризата и поддршка на стопанството и граѓаните во износ од 5,5 милијарди денари.

„Главниот аспект е постигнат. Буџетот е во рамки на планот, остваувањата се балансирани на ниво на приходи и расходи, финансирањето е обезбедено со понизок трошок, капиталите расходи се на пониско ниво од дефицит”, рече министерот и додаде дека ваквата реализација е солидна основа за наредниот период за економски развој.

Слични содржини