Бочварски: Се подготвуваме за изградба на повеќе автопати низ земјава

од Берта Китинска

По заокружувањето на новата постапка за избор на надзор и консултант за автопатите што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“, подготвителните работи се очекува да завршат до крајот на годината, а по проектирањето и експропријацијата во текот на следната година да има работа на терен, информираше денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

При посетата на Боговиње, на новинарско прашање за изградба на автопатот Тетово-Гостивар, Бочварски рече дека оваа заедно со неколку други автопатски делници е во приоритетите на Владата преку донесениот Закон со стратешкиот инвеститор „Бехтел и Енка“.

-Имаше распишано постапка за избор на консултантска куќа и надзорен орган, по што беше избрана и компанија која ќе ги врши консултантските услуги, но бидејќи не беше доставена банкарска гаранција, таа постапка беше запрена и е распишана нова за избор на консултант и надзор што ќе ја следи градбата од самиот почеток до крајот на Коридрот 8 и Коридрот 10. Се работи за делницата Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево и Требениште – Струга- Ќафасан на Коридорот 8, како и Битола – Прилеп на Коридорот 10 Д. Ова останува приоритет. Тука сме да ги решиме сите прашања што се јавуваат пред почнување со градбата за да сме сигурни дека кога ќе се почне со градба на автопатите ќе тече непречено и со добра динамика за да бидат завршени во предвидениот рок. Така што, автопатот Тетово-Гостивар, како и останатите делници е приоритет и по завршувањето на постапките ќе се влезе во реализација, реконструкција и проширување на целата оваа делница, рече Бочварски.

Слични содржини