Борел: Да се разгледа можноста за користење руски пари за обнова на Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија треба да ја разгледа употребата на замрзнатите руски девизни резерви за да ги плати трошоците за обнова на Украина по војната, изјави министерот за надворешни работи на ЕУ Жозеф Борел во интервју за британскиот „Фајненшл тајмс“.

ЕУ и нејзините западни сојузници ги ограничија меѓународните резерви на централната банка на Русија по инвазијата на земјата на Украина, акција која Москва ја опишува како „специјална воена операција“.

Борел рече дека би било логично ЕУ да го направи она што го направија Соединетите држави кога ги запленија средствата на Централната банка на Авганистан откако Талибанците ја презедоа власта во таа земја.

Новинската агенција РИА ја пренесува изјавата на рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко дека иницијативата на Борел претставува „целосно беззаконие“ и дека ќе ѝ наштети на Европа доколку биде усвоена.

„Тие (мерки) ќе им зададат удар на самите Европејци, на современиот финансиски систем и ќе ја поткопаат довербата во Европа и на Западот воопшто“, навел Грушко.

Руската инвазија на Украина на 24 февруари ги охрабри западните земји да ги воведат најстрогите санкции во модерната историја против Русија и бизнис елитата на Москва, што рускиот претседател Владимир Путин го опиша како објава на економска војна, потсетува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Слични содржини