Бугарските проевропски партии водат во анкетите пред изборите во ЕУ

Според анкетите, ГЕРБ на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов останува највлијателната партија во земјата со поддршка од 22,9 отсто, а по неа е централно-десничарската ПП-ДБ со 19,7 отсто

од Бети Божиноска

Двете главни проевропски политички формации во Бугарија имаат удобна предност во анкетите пред европските избори во јуни, покажува анкета на „Маркет линкс“, пренесува „Еурактив“.

Според анкетите, ГЕРБ на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов останува највлијателната партија во земјата со поддршка од 22,9 отсто, а по неа е централно-десничарската проевропска коалиција ПП-ДБ со 19,7 отсто.

Јазот меѓу двете политички формации се намали на помалку од 4 отсто од околу 6отсто на крајот на 2023 година.

„Кога европските избори би се одржале оваа недела, три политички сили ќе ги зголемат своите резултати – ПП-ДБ, „Вазраждане“ и БСП“, коментира социологот Добромир Живков од „Маркет линкс“ за бТВ.

Одѕивот на бугарските гласачи за изборите во ЕУ се очекува да биде околу 30 отсто.

Двете водечки партии се во неформална коалиција и ја поддржуваат владата на премиерот Николај Денков, кој беше предложен за премиер од ПП-ДБ. Тие во моментов преговараат за договор за поделба на власта со кој би се овозможило поранешната евркомесарка Марија Габриел (ГЕРБ) да биде назначена за премиер.

Анкетата на „Маркет линкс“ покажува дека партијата на турското малцинство ДПС (АЛДЕ) е третата политичка сила во земјата, со 12,1 отсто поддршка за европските избори. Проруската националистичка партија „Вазраждане“ има поддршка од 11,7 отсто.

„Оваа партија се позиционира како единствена отворена евроскептична националистичка сила и тоа им ја зголеми ‘тежината’ на европските избори“, коментира Живков.

Петта политичка сила е проруската социјалистичка партија БСП, која според анкетите има поддршка од 8,4 отсто на европските избори. Поддршката за популистичката партија ИТН е меѓу 3,2 и 3,3 отсто, што значи дека партијата засега нема шанси да освои европратеник.

Бугарија има 17 европратеници, а за да биде избран европратеник потребна е поддршка од најмалку 5,9 отсто од гласачкото тело.

Сепак, сè уште е голем бројот на Бугари кои не сакаат да гласаат на јунските избори за ЕУ, а според анкетата на „Маркет линкс“, оваа бројка е околу 14-15 отсто.

Според Живков, гласовите на неопределените веројатно нема драматично да го променат исходот, а изборите за ЕУ најверојатно ќе ја одразат моменталната статус кво во бугарскиот парламент.

„Сегашните пет партии кои имаат свои претставници во парламентот многу веројатно ќе испратат свои претставници во Европскиот парламент. Сите други се чини дека немаат реални шанси да го сторат тоа“, рече тој.

 

Слични содржини