Бугарското МНР: Ангелов се врати во Скопје поради желбата за деескалација на тензиите

од Nikola Popovski

Како израз на желбата на бугарската страна да се дојде до пристап за деескалација на тензиите во билатералните односи, во моментов Ангел Ангелов се наоѓа во Република Северна Македонија и ги извршува своите функции како вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Бугарија во соседната земја. Ова го објавило бугарското Министерството за надворешни работи (МНР) на својата веб-страница.

Од таму информираат дека амбасадорот Ангелов беше дел од официјалната делегација на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, која беше во посета на Скопје во текот на вчерашниот ден, каде оствари средба со неговиот македонски колега Оливер Спасовски.

-Целта на посетата беше да се разговара со надлежните органи на Република Северна Македонија за обезбедување безбедна средина за организирање и одржување на чествување на историски настани и личности заеднички за двете земји, со цел зајакнување на добрососедските односи, велат од тамошното МНР.

На 23 јануари, бугарското МНР го повика на консултации во Софија амбасадорот Ангелов. Тогаш ресорот како причина за неговото привремено враќање во земјата ја наведе „сериозната ситуација во врска со правата на Бугарите во Република Северна Македонија и ескалацијата на злосторствата од омраза против нив во последните месеци“.

Слични содржини