Д-р Даниловски советува како да го зајакнеме имунитетот и да се заштитиме од коронавирусот

од Берта Китинска

Според епидемиолог  Драган Даниловски  клучните фактори за да се заштитиме од коронавирусот и загадениот воздух е почестиот престој во природа, надвор од загадените урбани средини,  повеќе физички активни и нормализирање на телесната тежина.

„Граѓаните треба да внесуваат поразновидна храна, со акцент на протеини, овошје и зеленчук и ферментираните намирници!Од ферментирани млечни производи, заради обезбедување пробиотици, до ферментиран зеленчук (кисела зелка, на пример), за обезбедување на пребиотици. Зошто? Затоа што, имунолошкиот систем во огромна мера зависи од здравиот микробиом (здравата цревна бактериска флора). А бидејќи е докажано дека постои директно влијание на микробиомот врз централниот нервен систем, здравиот микробиом влијае и на расположението, се превенира депресијата итн. Од друга страна, јасно е дека само со храната се обезбедуваат витамини и минерали на природен начин!

Да се трудат да спијат што повеќе. Добриот сон може да го зајакне имунолошкиот систем. Во една неодамнешна студија, откриено е дека квалитетен сон може да ги зајакне Т-клетките кои се борат против инфекците. Добриот сон го ја подобрува нивната способност да ги уништат клетките заразени од вируси.

Да се откажат од штетните навики, пушењето, на пример.Да ги одржуваат социјалните контакти што повеќе, но по електронски пат, не физички, за да го сочуваат доброто расположение, душевниот мир… да не западнат во малодушност и депресија“, објаснува Даниловски во интервју за „Стандард“.

Во однос на суплементите Даниловски напоменува дека треба да се внимава на комбинациите на витамини за да не дојде до предозирање.

„Сведоци сме дека постои вистинска експлозија на купување на секакви суплементи. И докторите придонесуваат кон тоа со своите совети. Огромни пари се трошат за витамини (Ц, Д), за минерали (цинк, селен, магнезиум). Вистината е дека тоа се залудно потрошени пари. Никој не размислува дека може да дојде и до предозирање. Витаминот Д, на пример, треба да се зема само ако постои негов дефицит во организмот. Најчесто тоа е во периодот есен-зима.

Имунитетот не се гради преку ноќ. Тоа е процес, тоа се постигнува во тек на подолг период на практикување здрав режим на живеење! Со сила ништо не се постигнува“ напоменува Даниловски.

Слични содржини