Џафери: Што со граѓаните со лични документи чија важност истекла повеќе од девет месеци пред изборите?

од Nikola Popovski

Техничкиот премиер Талат Џафери не е убеден дека со измените на Изборниот законик ќе се реши проблемот со патните исправи, имајќи предвид одредбите што ги регулира и санкционира самиот закон.

-Во законот е предвидено дека сите граѓани кои што имаат документи со истечен рок во траење од девет месеци до денот на избори, ќе можат да гласаат. Граѓаните кои имаат подолг период нема да можат да гласаат- делумно е решението. Што би правеле граѓаните на 8 мај, кога ќе биде подолг рокот од 9 месеци? Фактички од исклучокот, правиме нов исклучок и исклучуваме дел од граѓаните. Убеден сум дека пак ќе дојдат до Влада да бараат дополнителни решенија за истечените рокови, кажа Џафери, одговарајќи на новинарско прашање.

-Ќе треба да размислат Собранието или ние во Влада. Во крајна инстанца, зошто мора на едни да им се дава право, а на други не? Што со тие подолго од 9 месеци – ќе немаат право да гласаат? Само по себе логиката вели дека има селективен пристап во решението, истакна техничкиот премиер.

Пратениците со 84 гласа „за“ вчера ги изгласаа измените во Изборниот законик, со што на претстојните парламентарни и претседателски избори ќе може да гласаат и граѓаните со документи на кои стои старото уставно име и оние кои се истечени девет месеци пред изборите. Ќе може да гласаат и лицата кои наполниле 18 години помеѓу двата изборни круга.

Слични содржини