Додик: Нема да има војна во БиХ, но Република Српска не е лесна мета како што мислат некои

од Nikola Popovski

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјавил дека нема да има војна во Босна и Херцеговина, но дека Република Српска не го запоставила својот одбранбен систем и не е „лесна мета“ како што некои мислат.

„Тука нема да има војна. Не сакаме. Ние не сме глупави. Ако некој сака, тоа се Бошњаците. Но, сите треба да знаат дека Српска не го запоставила својот одбранбен систем и дека не сме така лесна мета како што мислат некои“, изјави Додик во интервју за „Глас Српске“ од Бања Лука.

Тој додал дека е за политички процеси со цел РС да остане во БиХ, нагласувајќи дека доколку тоа не е можно, ентитетот ќе ја напушти Босна и Херцеговина.

„Немаме намера да ја нападнеме Федерацијата Босна и Херцеговина ниту со прачка и доколку се обидат нешто во таа смисла, очекуваме меѓународните сили да застанат на границата и да спречат каков било конфликт. Ако не го сторат тоа и ако некој влезе на територијата на Српска, ние ќе се браниме“, изјавил Додик.

Зборувајќи за позицијата на РС во Босна и Херцеговина и во регионот, тој рекол дека Српска „моментално е во приказната за дејтонска Босна“, додавајќи дека доколку Западот продолжи да го уништува Дејтонскиот договор за да создаде централизирана држава, РС ќе продолжи да ги враќа своите надлежности.

„Тие би ја оставиле таа приказна, дека Босна и Херцеговина ќе остане во тие дејтонски јурисдикции да функционира, но Српска и нејзината независност ќе се градат преку враќање на јурисдикцијата. Ако продолжат да вршат репресии врз нас, ние ќе се движиме кон вистинска независност“, нагласил Додик.

Зборувајќи за односите со Србија и со претседателот Александар Вучиќ, тој рекол дека за РС е многу важно кој е на власт во Србија и дека го почитува избраниот од народот на Србија.

„Постои погрешна перцепција за него (Вучиќ) во јавноста, тој има свој став, воопшто не е лесен соговорник, но и јас не сум лесен соговорник“, изјавил Додик.

Тој додал дека ситуацијата во Србија е сложена.

„Кога имате слаби лидери во Бања Лука, тогаш Западот му вели на Белград да не нè допира. Кога некој е силен овде, Западот сака да не дисциплинира преку Белград. И тоа е случај сега. Не е згодно“, истакнал Додик.

Слични содржини