Додик уште еднаш најави отцепување на Република Српска од БиХ

од Vladimir Zorba

Лидерот на Република Српска, Милорад Додик, најави дека овој ентитет ќе се отцепи од БиХ во случај високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит да наметне измени во Изборниот закон и најави средба со водечките бошњачки и хрватски партии со цел да се обиде да постигне договор за ова прашање.

Шмит, кој ја предводи меѓународната администрација во Босна и Херцеговина, во средината на декември најави дека ќе интервенира во изборното законодавство на земјата со цел да се гарантира транспарентноста на изборниот процес во случај домашните политичари да не се согласат за ова прашање. Тој во изјава за тамошните медиуми додаде дека оваа недела се очекува лидерите на партиите на власт да разговараат за низа реформи и таа средба ја нарече Ден Д.

„Тоа ќе биде „Денот Д“. Ако некој се осмели да ја помине границата и да реализира сценарио кое му отвора простор да наметне нешто. Ако продолжат да го растураат Дејтон, ќе добијат независна Република Српска и распадната нефункционална Федерација“, изјави Додик за медиумите во Бања Лука.

Тој претходно во неколку наврати се закануваше со отцепување на Република Српска во случај Шмит, чија власт ја оспорува, да наметне некои од законите. Измената на Изборниот закон со технички подобрувања е еден од условите на Европската комисија со цел до март да му препорача на Европскиот совет безусловно отворање на преговорите за членство со БиХ.

Додик ги обвини бошњачките партии за сервилно однесување кон странците и дека тие всушност се најголемиот проблем што нема договор за реформи.

„Политичките Бошњаци немаат капацитет за независно одлучување и какви било преговори. Нивната подреденост на странците кои ги назначиле води до фактот дека договорите не се почитуваат и дека сериозно се сомневаме во нивната решеност БиХ да оди напред“, рече Додик.

Покрај измените на Изборниот закон, Европската комисија ги информираше домашните политичари дека треба да го реформираат Законот за забрана на финансирање тероризам и перење пари, Законот за судовите на Босна и Херцеговина и Закон за спречување судир на интереси.

Најголеми полемики се околу измените на Изборниот закон, а хрватската страна во БиХ очекува дека овие измени ќе гарантираат легитимно политичко претставување, односно ќе ја спречат можноста за прегласување на тој народ при изборот на член на Претседателството на БиХ. Гласовите на доминантно бошњачките гласачи го избраа Жељко Комшиќ за државниот врв во четири наврати, чиј легитимитет го оспоруваат хрватските партии.

Слични содржини