Дончиќ: Потешко е да се даде 30 поени во Евролига отколку во НБА

од Nikola Popovski

Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ го објасни своето тврдење дека е потешко да се поентира во Евролигата отколку во НБА лигата.

Првата ѕвезда на Далас Маверикс гостуваше во подкастот на поранешниот одличен шутер Џеј Џеј Редик. Дончиќ во таа прилика направи споредба на американската и европската кошарка.

„Во Евролигата се игра повеќе тимска кошарка, повеќе се базира на тактика, а има и помалку време. Потешко е да се игра во НБА бидејќи има многу играчи кои практично е невозможно да се задржат“, истакнува 23-годишниот Словенец и додава:

„Сепак, би рекол дека е полесно да се постигне кош во НБА бидејќи правилата се различни, има повеќе простор и време, затоа реков дека тука е полесно да се даваат кошеви“.

Дончиќ оваа сезона игра маестрално, нема да биде МВП, но неговите игри во последните три месеци се за восхит. Тој во просек постигнува 28,2 поени со 9,2 скока и 8,6 асистенции.

„Потешко е да се даде 30 поени на натпревар во Евролигата отколку на натпревар во НБА, тоа е сто проценти точно. Тоа го кажувам поради правилата. Во Европа, на пример, тип како Руди Гобер може да стои во рекетот колку сака, а не само три секунди. Само поради тоа правило во НБА можете лесно да стигнете до десет поени“, заклучува Дончиќ.

Далас моментално е петти на Западот со скор 43-26 и очигледно ќе го избегне „плеј-инот“.

Слични содржини