Доверителите во стечајот на „Секјуриком“ ќе се произнесат за планот за реорганизација

од Aleksandar Todeski

Доверителите во стечајната постапка за контроверзната фирма „Секјуриком“ на бегалецот од правдата, австриецот Волфганг Гампер денеска ќе се произнесат по иницијативата за План за реорганизација на фирмата во Основниот Граѓански Суд Скопје.

Фирмата сѐ уште должи плати на вработените, кои освен банките исто така се доверители во постапката. Како што велат извори на „Локално“, на дел од вработените кои беа преземени од владината Служба за општи и заеднички работи пред 18 години, им е исплатен дел од долгот, но и тие, како и останатите вработени ширум земјава треба да земат плати кои не им се исплатени од фирмата.

Стечајната постапка почна во март минатата година, а чиј стечаен управител е Живко Калков од Скопје, кој беше стечаен управник и на „Медиа Принт Македонија“, фирмата во чија сопственост беа згаснатите дневни весници „Утрински“, „Вечер“ и „Вест“.

Контроверзната фирма „Секјуриком“ беше посочувана како фирма која работи незаконски, но и покрај тоа ги добиваше тендерите за чистење, тековно одржување, дактилографски услуги и обезбедување од Службата за општи и заеднички работи од 2002 до 2018 година, кога СОЗР одлучи да ги одвои постапките и наместо преку една јавна набавка да се бараат сите услуги, секоја од овие услуги да биде на посебен тендер, по што после 16 години, други фирми ги добија тендерите.

Но за „Секјуриком“ нема случај само во Граѓанскиот суд. Управата за финансиско разузнавање откри криминал тежок 11 милион евра. Во случајот освен фирмата, опфатени се ексдиректорот на СОЗР, Васе Доневски и сопственикот на „Секјруиком“, Волфганг Гампер, а кои се обвинети дека ја злоупотребиле службената должност и направиле штета на државниот буџет.

На Гампер му беше одземен пасошот како мерка за обезбедување на присуство, но тој нелегално ја напушти државата и да се врати во родната Австрија, каде сега слободно се движи.

Името на „Секјуриком“ одекна и во судскиот процес „Титаник“, кој се однесува на незаконското финансирање на сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во обвинението се наведува дека „Секјуриком“ заедно со уште неколку фирми за време на предизборната кампања во 2011 година платиле за подлоги за компјутерски глувчиња, подметачи за чаши, но и за услуги за бина, звучници и рефлектори во вкупен износ од 3.120.770 денари, сума која три фирми ја поделиле, но со тоа избегнале да се пријават како донатори во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.

Александар Тодески

Слични содржини