ДС ги соопшти своите барања и приоритети за соработка на изборите

од Nikola Popovski

Демократскиот сојуз преку соопштение информира дека уште пред повеќе од една година ја напуштиле владеачката коалиција предводена од СДСМ. Како причини за напуштање на коалицијата ги наведуваат неисполнување на коалицискиот договор и погрешните политики на СДСМ, пред сѐ блокадата на измените на Изборниот законик со кој, велат, предлагавме Македонија да биде една изборна единица, противењето на реформи во правосудниот систем, високата криминализација и отсуството на борба против високата корупција, непринципиелната коалиција при реконструкцијата на владата и неводењето сметка за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта, како и блокадата на евроинтеграциските процеси со прифаќање на преговарачката рамка без поширок граѓански и политички консензуз.

Од партијата на Павле Трајанов ги обелоденија и своите барања и приоритети за соработка и заеднички настап на претстојните парламентарни избори.

-Темелни уставни реформи со донесување на нов Устав (без Бадентер и Балансер), реформи во судскиот систем и реизбор на судиите и обвинителите, изградба на ефикасен систем за борба против корупцијата и формирање Агенција за борба против тешките облици на криминал, вклучување на младите во власта (најмалку 30% во советите на општините и парламентот) и посебни предуслови за отворање на бизнис, реформи на администрацијата (укинување на 50% од министерствата, агенциите, регулаторните тела итн.), намалување на бројот на пратениците на 90, но и Македонија да биде една изборна единица, како круцијален предуслов за демократизација и промена на власта, истакнуваат од ДС.

Се поизвесно е дека партијата на Трајанов ќе влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ќе настапат заедно на изборите, иако се уште нема официјализирање на соработката.

Додаваат дека остануваат на нивните цврсти партиски определби за полноправно членство во ЕУ, продолжување на реформите во одбраната како членка на НАТО и водење надворешна политика согласно нашите стратешки цели и интереси усогласена со политиките на ЕУ и стратешките партнери, пред сѐ на САД.

Засега на политичката сцена и во македонскиот и во албанскиот блок по две големи коалиции. Вчера во просториите на СДСМ, претседателот на партијата, Димитар Ковачевски потпиша меморандум за соработка со претседателот на Движењето за Нова Република, Ивон Величковски, со кој се проширува соработката со сите општествени и политички чинители, а во насока на продолжувањето на активностите кои означуваат обезбедување европска иднина за граѓаните. Поддршка за претстојните избори, Ковачевски доби од НСДП и од ДОМ. Претседателот на НСДП, Горан Мисовски, како и Соња Мираковски и Мики Милковски ќе бидат кандидати на листите на коалицијата во Третата, Четвртата и Втората изборна единица. Претседателката на ДОМ, пак, Маја Морачанин да биде кандидат за пратеник на шестата позиција на заедничката листа на коалицијата предводена од СДСМ во Првата изборна единица.

До крајот на неделава ВМРО-ДПМНЕ ќе ја објави коалицијата со која заедно ќе настапи на парламентарните избори. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски обзнани дека освен досега декларираните партии кои излегоа од владината коалиција, во најава се и други, но има и такви за кои нивната партија оценила дека не споделуваат исти вредности. ВМРО-ДПМНЕ неодамна ги соопшти и носителите на изборните листи – Христијан Мицкоски во Првата, Владо Мисајловски во Втората, Драган Ковачки во Третата, Александар Николоски во Четвртата, генералниот секретар Ѓоргија Сајковски во Петата и Дафина Стојановска во Шестата изборна единица.

Слични содржини