ДС: Жестока осуда на величењето на „Голема Албанија“ во Сопот и на натпреварот Шкупи – Вардар

од Nikola Popovski

Демократскиот сојуз жестоко ги осудува вчерашните изливи на великоалбански шовинизам и величење на „Голема Албанија“ при отворањето на т.н. Меморијален центар – музеј на УЧК во кумановското село Сопот, како и на фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на Шкупи и Вардар во скопски Чаир.

Велат дека прикажувањето карти на „Голема Албанија“ во музејот на УЧК во Сопот, кој го отвори лидерот на ДУИ Али Ахмети и признанието дека на почетокот се бореле за Албанија, но дека сега Албанците биле господари во Македонија, ја подгрева меѓуетничката омраза и го загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија.

-Истакнувањето пароли на фудбалскиот натпревар Шкупи-Вардар во кои се вели дека Албанците требало да го исполнат историскиот аманет, Скопје да биде срцето на Албанија, е тешка великоалбанска провокација, на која не ѝ местото на спортски натпревар и е наменета единствено да го заплаши мнозинскиот македонски народ.

Демократскиот сојуз ги повикува Министерството за внатрешни работи, надлежното јавно обвинителство, како и Фудбалскиот сојуз на Македонија, да преземат соодветни прекршочни и кривични постапки против сторителите на овие сериозни националистички и шовинистички провокации, стои во соопштението на ДС.

Слични содржини