Една година од разорниот земјотрес во Турција, изградбата на нови станови напредува бавно

од Stefanija Kuzmanovska

Пред една година, на 6 февруари 2023 година, југоисточна Турција и северна Сирија беа погодени од силен земјотрес, а луѓето во тие региони се уште се соочуваат со последиците, објави денеска „Дојче веле“.

Според официјалните податоци, повеќе од 50.000 луѓе загинале во Турција, а повеќе од 125.000 се повредени.

Најтешко беше погоден Хатај на границата со Сирија, бидејќи беа уништени цели делови од тој град.

Многу луѓе се преселиле во други градови, а оние што останале претежно живеат во контејнерски населби, кои требаше да бидат само привремено сместување.

Само во поширокото подрачје на Хатај има околу 200 вакви населби, а таму засолниште нашле околу 187.000 луѓе.

Жителите велат дека неколку дена по земјотресот добиле помош – бесплатна храна и производи за дневни потреби, но тоа веќе го нема.

Покрај постојаниот недостиг од струја и вода, голем проблем е што многуте оштетени патишта се уште не се санирани.

Некои се целосно непроодни, а кога врне, проблемот се влошува, бидејќи водата не истекува.

Изградбата на нови станови во Хатај напредува бавно, па иако се планирани 45.000 нови станбени единици, засега само нешто повеќе од 2.600 се при крај.

Според официјалните информации, во моментов само 25 станови се подготвени за вселување, додава „Дојче веле“.

Слични содржини