Екстремната топлина убива: Топлотните бранови во Европа ќе станат почести и подолготрајни

од Stefanija Kuzmanovska

Рекордни температури ја погодија северната хемисфера и стануваат само посмртоносни. Се верува дека минатогодишниот топлотен бран во Европа усмртил 61.000 луѓе, покажуваат истражувањата.

Тековните, рекордни топлотни бранови што ги пржат деловите на САД, Мексико, Кина и Европа се подраматични поради климатските промени предизвикани од човекот, се наведува во студијата на научниците од организацијата World Weather Attribution објавена денеска, 25 јули.

„Ова не е изненадување, апсолутно. Но, иако времето се менува како што очекувавме, жештините ни се закануваат многу повеќе отколку што очекувавме“, изјавил Фредерика Ото, климатски научник од Империал колеџ во Лондон, а пренесува ScienceNews.

Овие интензивни и повремено смртоносни топлотни бранови се случуваат додека системи со висок притисок ја зафаќаат северната хемисфера создавајќи некакви топлински куполи. На пример, во Феникс, САД, температурите надминаа 43,3 степени секој ден во последните три недели.

Ото и нејзините колеги користеле компјутери за да ја симулираат климата на Земјата, со и без климатските промени предизвикани од човекот, за да проценат какви би биле топлотните бранови под различни услови. Во свет без овие климатски промени, открија тие, екстремна топлина би се очекувала во Кина околу еднаш на секои 250 години. Сега, тие станаа феномен кој се повторува речиси на секои 5 години или 50 пати повеќе. Во исто време, екстремните топлотни бранови во јужна Европа и Северна Америка, кои беа речиси невозможни без климатските промени, сега се повторуваат на секои 10 и 15 години. Ако глобалното затоплување достигне 2 степени повеќе отколку во прединдустриската ера, таквите настани ќе се повторуваат на секои две до пет години, покажаа симулациите.

„Ризиците од екстремни температури по здравјето на луѓето растат побрзо отколку што можеме да се прилагодиме. Многу сме поранливи отколку што некогаш мислевме“, изјави Ото.

Експертите наведуваат дека екстремните горештини се голема закана за животот на луѓето, особено за постарите лица. Според едно истражување, за време на минатогодишниот топлотен бран во Европа, повеќе од 61.000 луѓе починале како последица на екстремните температури.

Главните наоди на научниците наведени во студијата се:

– Топлотните бранови се меѓу најсмртоносните природни катастрофи со илјадници луѓе кои годишно умираат од горештините. Сепак, последиците од топлотните бранови често не се познати дури неколку недели или месеци подоцна, додека не се соберат сите мртви или додека научниците не ја анализираат нивната смрт. Многу земји не собираат соодветно податоци за смртните случаи од топлина.

– Според претходните климатски проекции и извештаите на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), овие настани повеќе не се толку ретки како порано. Северна Америка, Европа и Кина се соочуваат со екстремни топлотни бранови со зголемена фреквенција во последните неколку години како резултат на човековата активност. Ова е причината зошто ваквите екстремни топлотни бранови сега се очекуваат на секои 15 години во САД, на секои 10 во Европа и на секои 5 во Кина.

– Без климатските промени, кои се предизвикани од човековите постапки, вакви настани би биле исклучително ретки. Во Кина, тие би се случиле еднаш на 250 години, а максималните температури со кои сега се соочуваат САД, Мексико и Европа би биле речиси невозможни доколку согорувањето на фосилните горива не ја загрее планетата.

– Во сите региони топлотните бранови би биле многу постудени од сегашните доколку нема климатски промени. Истражувањата покажаа дека температурите во јужна Европа се за 2,5 степени повисоки, во Северна Америка 2 степени, а во Кина за 1 степен, отколку што би било случај да нема климатски промени.

– Доколку светот итно не престане да согорува фосилни горива, овие настани ќе зачестат и светот ќе се соочи со топлотни бранови кои се уште пожешки и траат уште подолго од сегашните.

-Итно е потребно да се направат акциски планови за да се обидат да се запре порастот на температурата, но и да се прилагодат на горештините за да се намали смртноста.

Слични содржини