ЕУ: Посебно сурово погубување на осуденик во САД со употреба на азот

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија (ЕУ) го изрази своето жалење поради „посебно суровото“ извршување на смртна казна со употреба на азот во Соединетите Американски Држави (САД), изјави портпаролот на Европската комисија.

„ЕУ длабоко жали за егзекуцијата на Кенет Јуџин Смит во Алабама и за посебно суровиот начин на извршувањето на смртната казна“, се вели во соопштението на портпаролот.

ЕУ додава дека Смит веќе бил подложен на обид за „неуспешно погубување“ во ноември 2022 година и нагласува дека се противи на смртната казна „во сите околности“.

Кенет Јуџин Смит, осуден на смрт за убиство во 1996 година, беше прогласен за мртов во затворот Атмор во четвртокот во 20.25 часот по локално време. Тоа беше првпат во Соединетите Држави да се користи нов метод на извршување на смртна казна, со користење на азот.

Алабама е една од трите американски држави кои дозволуваат ваков вид на егзекуција.

Властите во Алабама тврдат дека тоа е хуман метод, додека канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации изрази загриженост за недокажаниот метод, кој според меѓународното право може да биде „мачење“.

Смит е првиот затвореник погубен оваа година во САД, каде во 2023 година беа извршени 24 смртни казни со смртоносна инјекција.

Слични содржини