„Европска иднина“ или „последна шанса за спас“: Партиски обвинувања на првиот ден од кампањата за парламентарните избори

од Nikola Popovski

СДСМ обвинува дека лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ немаат план, ниту визија за иднината. Според владеачката партија, „кристално е јасно дека со нив нема членство во ЕУ“.

-Мицкоски и ДПМНЕ како иднина, на граѓаните им нудат враќање во минатото, во изолација, режим, неизвесност. Граѓаните сакаат напред, сакаат членство во ЕУ, повисок животен стандард, поголеми плати и пензии, сакаат да живеат во европска Македонија, додаваат од СДСМ.

Сметаат дека поради тоа, граѓаните на изборите ќе го дадат својот глас за европска иднина со СДСМ и Димитар Ковачевски.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ оценува дека овие избори се последна шанса за спас. Според партијата,СДСМ ја фрли Македонија во хаос.

– Лотариска среќа е ако може некој да извади пасош и лични документи, пациентите не се сигурни каква терапија добиваат, се заработува бескрупулозно на грбот на најранливите, непотизам насекаде, правда никаде, не само младите туку и сѐ повозрасни размислуваат да ја напуштат земјата не гледајќи веќе ниту систем, ниту ред, СДСМ е сведена на измеќар и соучесник во сите скандали, се срамиме од нивните недостоинствени настапи низ светот, иднината и подобриот живот се далечен. На врвот на листите на корупција, мизерија и немаштија сме. За 7 години колку што се на власт СДС и ДУИ ја презадолжија државата, го урнисаа системот и криминалот го направија столб на своето функционирање, велат од партијата на Мицкоски.

Денес започнува и кампањата за парламентарните избори, а вчера со потпишување Кодекс за фер и демократски избори претставници на повеќето од политичките партии вчера се обврзаа дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс и нема да користат говор на омраза во предизборната кампања.

Коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ ја стартува парламентарната кампања со настан „Нема откажување од иднината“ во Скопје, а ќе има и митинзи во Демир Капија и во Гевгелија. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, пак, традиционално ќе ја почнат кампањата со митинг во Охрид, а ќе се претстави и кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.

Парламентарните избори ќе се одржат на 8-ми мај.

Слични содржини