ФЕД ја „нападна“ инфлацијата со најголем пораст на каматните стапки од 1994 година

од Vladimir Zorba

Федералните резерви на САД (ФЕД) ја зголемија својата референтна каматна стапка за три четвртини процентен поен, што е најголем пораст од 1994 година, во обид да ја ограничи инфлацијата, пренесe АФП.

Со ова трето последователно зголемување, референтната каматна стапка на ФЕД, која влијае на многу потрошувачки и деловни заеми, е во опсег од 1,5 до 1,75 отсто.

ФЕД, исто така, објави дека оваа година смета на инфлација од 5,2 отсто, во однос на прогнозата за 4,3 отсто во март, и дека ќе има нови зголемувања на каматните стапки на следните состаноци на одборот на директори оваа година.

Паралелно, ФЕД предвидува послаб економски раст од проектираниот оваа година во САД, очекувајќи дека ќе биде 1,7 отсто, во однос на 2,8 отсто порано.

ФЕД очекува стапката на невработеност да биде 3,7 отсто, од претходно проектираните 3,5 отсто.

„Економската активност генерално закрепна, по забавувањето во првиот квартал“, се вели во соопштението на ФЕД, наведувајќи ја силната вработеност во последните месеци и ниската стапка на невработеност.

Инфлацијата, како што е наведено, останува висока и ја одразува нерамнотежата на понудата и побарувачката поврзана со пандемијата, повисоките цени на енергијата и поопштите ценовни притисоци.

Централната банка потсети дека руската инвазија на Украина и санкциите создадоа дополнителни притисоци за зголемување на инфлацијата и негативно влијание врз светската економска активност.

Покрај тоа, затворањата поврзани со КОВИД-19 во Кина ги влошиле проблемите со синџирот на снабдување и ја забавиле економијата на САД.

Слични содржини