Фетел верува во пресврт во вториот дел од сезоната

од Vlatko K

Себастијан Фетел e уверен дека по продолжувањето на сезоната во Формула 1 може да направи пресврт во битката за титулата.

За многумина, Ферари имаат подобар болид од Мерцедес во моментов, но две лоши трки на крајот на јули, при што прво отпадна, а потоа заврши втор, го оставија Германецот на 24 поени од Луис Хамилтон. Тој, сепак, останува смирен.

„Континуираните пресврти се дел од играта. Понекогаш работите се развиваат во наша полза, друг пат не. Генерално има постојаност во презентацијата, но навистина грешката во Германија нѐ чинеше скапо, иако таа беше минимална. Сепак, ова е дел од играта“, изјави Фетел.

„Нема како да го вратиме времето назад. Тоа што се случило – се случило. Очигледно разочарувањето е големо, но продолжувам да бидам уверен дека имаме силен автомобил, со кој можеме да земеме предност во вториот дел од сезоната. Минатата година ја изгубивме титулата, бидејќи во последните натпревари не бевме доволно брзи. Сега болидот е поефикасен, посилен и со уште потенцијал кој можеме да го извлечеме од него. Ќе видиме што ќе се случи, но сигурен сум дека ќе биде возбудливо“, додаде тој.

Битката за титулата се обновува на крајот на наредната недела, кога е Гран При на Белгија на патеката „Спа“, каде Фетел има 2 победи, но „Скудерија“ не победиле од 2009-та година, кога триумфираше Кими Раиконен.

Слични содржини