Филипче: Платите на здравствените работници ќе се зголемат за 40 проценти до крајот на мандатот

од Vladimir Zorba

Претседателот на Комисијата за здравство на СДСМ и министер за здравство Венко Филипче најави зголемување на платите на здравствените работници за 40 проценти, во период од четири години.

„Ќе инвестираме во човечки ресурси , секоја година ќе ги зголемуваме платите на здравствените работници и соработници за 10 проценти годишно, односно 40 проценти за четири години. Младите лекари, кои се на специјализација и се надвор од Скопје ќе добиваат 12.000 денари субвенција за решавање на станбеното прашање. Ќе го зголемиме бројот на специјализации. Младите лекари ќе имаат можност да напредуваат во науката, многу повеќе од досега“, рече Филипче.

Тој додаде дека целосно ќе се намали бирократијата во процесот на здравствени услуги, односно дека ќе има електронско здравство, кое ќе обезбеди помалку бирократија, побрза здравствена услуга.

Филипче потсети дека пред само три години здравствениот систем бил целосно уништен, а дека денеска, со силна волја и рационални политики обезбеден е стабилен здравствен систем кој ефикасно одговори на здравствената криза.

„За кратко време обезбедивме опрема, инфраструктура. За граѓаните обезбедивме квалитетни лекови, инвестиравме во вакцините, го проширивме опфатот на вакцинација на над 90 посто на државно ниво, преполовена е смртноста на новороденчиња“, додаде Филипче.

Слични содржини