Францускиот премиер: Победата на Русија во Украина би била катаклизма за Французите

од Vladimir Zorba

Победата на Русија во Украина би била „катаклизма“ за Французите, изјави денеска францускиот премиер Габриел Атал, бранејќи ја стратегијата за помош на Украина пред пратениците.

Се очекува стратегијата да биде поддржана од големо мнозинство во долниот дом на францускиот парламент, и покрај поделбите во левичарските партии и воздржувањето на крајно десничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен.

Атал ја започна дебатата во парламентот денеска со признавање на „исклучителниот отпор на украинскиот народ“. Таа изјава доби аплауз од многу пратеници, а некои од нив дури и станаа.

Францускиот премиер инсистираше на „конкретни и опипливи“ ризици од руската победа врз „секојдневниот живот“ на Французите и „катаклизма за нивната куповна моќ“. Тој напомена дека тоа ќе доведе до зголемување на инфлацијата, цените на храната и енергијата.

Гласањето против француската стратегија за помош би значело „вртење грб на нашата историја“. „Воздржувањето значи бегање“, рече премиерот, алудирајќи на радикалната левичарска партија „Неосвоена Франција“ и екстремната десница.

Гласањето, без обврзувачка вредност, се очекува околу 20.00 часот со исход кој може да биде поволен за владата, благодарение на поддршката на десничарската Републиканска партија, социјалистите и еколозите.

Станува збор за француско-украинскиот безбедносен договор од 16 февруари. Тој беше склучен на десет години, а опфаќа зајакнување на воената соработка, особено во областа на артилериската и воздушната одбрана.

Партијата на Марин Ле Пен соопшти дека ќе се воздржи бидејќи верува дека има црвени линии, вклучително и испраќање копнени сили и можно членство на Украина во НАТО и Европската унија.

Слични содржини