Герасимовски ја интервјуираше планинарката Камилоска: Жената има сила да го помести светот, да продолжиме да се бориме за своето место

од Nikola Popovski

Градоначалникот на Центар во неконвенционално интервју со Ирина Камилоска, позната планинарка, зборуваше за предизвиците со кои жените се соочуват во Македонија но и во светот. Ирина предизвика внимание во јавноста кога започна необична форма на активизам која ја нарече „Искачување на Водно со бебиња“. Таа поттикна млади мајки да бидат физички активни и покрај тоа што имаат многу мали деца и заедно со нив да се искачуваат на Водно. Групата достигна повеќе од 20 мајки кои редовно се „држат во форма“ истовремено уживајќи со своите бебиња на чистиот воздух на Водно.

Во краткото видео кое го објави Герасимовски на социјланите мрежи, Ирина вели дека акцијата ја започнале без големи очекувања, но се изненадила кога видела колку многу мајки и се придружуваат.
„Ја организирав акцијата затоа што сакав да си дадам шанса на себе си и на многу други мајки коишто се најдоа во една иста ситуација како мене, затекнати од мајчинството, да продолжат да бидат активни.“ – вели Ирина.

Таа истакна дека искачувањата на Водно поминуваат беспрекорно, бебенцата уживаат, а мајките одлично се дружат. За Денот на жената Ирина како жена спортист порача дека се уште постои дискриминација на жените во спортот и дека мора да се работи на зголемување на бројот на жени на раководни функции во сите сфери. Герасимовски потсети дека Општина Центар е една од ретките каде бројот на раковосни позиции е исполнет со повеќе жени од мажи и дека исклучително многу се внимава на родовата еднаквост.

„Во Општина Центар поголем број на вработени прво во самата општина се жени. Имаме осум училишта што сите ги раководат жени, имаме три градинки каде што во истите директорки се жени. Претседател на Совет е жена, само градоначалник е маж“ – низ смеа заклучи Герасимовски.

Ирина на крајот од видеото испрати и порака до сите жени да продолжат да се борат за подобар општествен статус.

„Моја порака до сите жени е да се борат за себе и своето место во општеството. Да се биде жена значи дека ја поседуваш силата меѓутоа таа сила е истраена со една ранливост која што ја имаме сите ние жени. Но да се биде жена верувајте дека ја имате силата да го поместите светот со своите дланки само треба вистински да го посакате тоа и да не гледате ниту една пречка во животот за вашите цели“ – заврши Ирина.

Слични содржини