Хан: Ова не е момент со кој ЕУ може да се гордее

од desk3

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, откако Советот на министри за општи работи на Европската Унија доцна попладнево заврши без заклучок за отпочнување преговори со Северна Македонија и Албанија, па одлуката се префрла кај шефовите на држави или влади кои ќе се сретнат во четврток и петок во Брисел, изјави дека „ова не е момент со кој ЕУ може да се гордее“, но изрази надеж дека сѐ уште е можен компромис на ниво на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ в четврток.

„Нема сомнеж дека повторното одлагање ќе му наштети на нашиот кредибилитет на Западниот Балкан и нашата амбиција да станеме силен играч, овде зборуваме за наша внатрешна територија, ако на наша домашна територија не можеме да бидеме успешни, тогаш како ќе бидеме на надворешна“, порача Хан.

Тој додаде дека реформите кои се прават во земјите кандидати се „болни“ и не исклучи можност од негативни последици доколку повторно се одложи одлуката на Самитот на ЕУ.

„Се надевам дека лидерите ќе ја поправат оваа грешка, не сакам да шпекулирам, но важно е да сфатиме колку болни реформи овие земји направија и политичкиот кредит на оние кои успеаја да го сторат ова, ако има негативна одлука, не можам да исклучам дека ќе предизвика интерни динамики, можам само да ги повикам итно сите да се фокусираат и да не се откажат“, изјави Хан.

„Граѓаните имаат желби и соништа, не е задоволување на политичари, треба да работиме за луѓето. Им се извинувам на граѓаните што не успеавме да се договоривме. Се надевам дека ќе успеаме да ги убедиме другите. Државите испорачаа, сега ние требаше да испорачаме, но не испорачавме“, рече Хан.

Еврокомесарот потврди дека Франција е таа која што се противи на секакво проширување, но не можеше да гарантира дека до четврток францускиот претседател Емануел Макрон ќе даде зелено светло.

Слични содржини