ИНТЕРВЈУ со Кочовски: Македонските производители на челик не паметат успешна година како оваа

од Берта Китинска

Неколкукратното зголемување на побарувачката за челик кое засега не покажува знаци на забавување ги надмина и најоптимистичките планови на македонските производители на челик. За ефектите од овие состојби врз метало-преработувачката индустрија, но и врз вкупната македонска економија , Локално мк. зборуваше со еден од најистакнатите аналитичари за состојбите во челичната индустрија Митко Кочовски.

„Вакви поволни ценовни состојби нашава челична индустрија немала многу одамна со повеќе од двојно повисоки износи споредени со минатата година.До кога ќе се задржат овие поволни пазарни трендови никој не може со сигурност да каже, но потврдените нарачки за наредните неколку месеци гарантираат успешна деловна година кај производителите на овој многу влијателен сегмент на економијата на земјата’’, вели Кочовски кој е и поранешен директор на Макстил, а ја вршеше и функцијата претседател на Здружението на металургија при СКМ.

Како исклучително позитивен факт го посочува нагласениот притисок за зголемување на производството на трите домашни производни капацитети, Макстил, Либерти груп и Дојран стил кои се извозно ориентирани и имаат големо влијание на вкупните економски текови .Посочува дека овие пазарни движења ке имаат позитивно влијание и кај поврзаните производни субјекти и на влезната и на излезната страна.

Според краткорочната прогноза на Светската асоцијација за челик, побарувачката за овој вид железо оваа година треба да порасне за 5,8%.На терен ваквите нагорни движења се веќе евидентни во последените неколку месеци, што логично го наметнува прашањето дали и покрај пандемијата доаѓаат подобри денови за челичната индустрија?

Зголемената побарувачка на челик и производи од челик на целиот светски пазар е евидентна, што силно и погодува и на нашата челична индустрија.

Неколку причини ги покренаа овие пазарни состојби. Ковид кризата внесе огромна неизвесност кај производителите, “стокистите” ги испразнија залихите и не ги надополнуваа заради непредвидливите очекувања. Побарувачката беше редуцирана и нормалните ланци на снабдување беа целосно пореметени.

Пост Ковид периодот, оптимизмот до масовната вакцинацијата и определеното враќање на стопанството во понормални услови на стопанисување, иницираа зголемување на побарувачката за челик, што придонесе за нагласен притисок за зголемување на производството на трите домашни челичански производни капацитети, Макстил- производителот на основен челичен полуфабрикат и финални топловалани дебели лимови, Либерти груп- производителот на ладновалани, поцинкувани и пластифицирани тенки лимови и Дојран стил-производителот на армирно бетонско железо и други армирни челични производи за градежништвото.

Се се ова извозно ориентирани капацитети во сопственост на мултинационални производно прометни системи и имаат нагласено влијание на вкупните економски текови во земјата и преку директното влијание на вкупните економски показатели и преку мултипликативните ефекти сто дифузно се шират низ сите сегменти на националната економија.

За овие состојби со побарувачката на челикот допринесоа и новите безбедносни императиви при регистрацијата на пловилата, што бродоградбената индустрија ја направи нагласен покренувач на побарувачката.

Растот на побарувачка секогаш оди паралелно со зголемување на цената. До каде ќе оди актуелното поскапување на челикот?

Нормален след на зголемената побарувачка на челични производи е и зголемувањето на нивните цени.Вакви поволни ценовни состојби нашава челична индустрија немала многу одамна со повеќе од двојно повисоки износи споредени со минатата година.

До кога ќе се задржат овие поволни пазарни трендови никој не може со сигурност да каже, но потврдените нарачки за наредните неколку месеци гарантираат успешна деловна година кај производителите на овој многу влијателен сегмент на економијата на земјата.

Дали опоравувањето на челичната индустрија ќе влијае на целата метало- преработувачка индустрија?

Без каква и да е двојба овие позитивни пазарни движења ке имаат позитивно влијание и кај поврзаните производни субјекти и на влезната и на излезната страна. Веќе се евидентни позитивни ефекти кај домашните производители на метални конструкции и останати финални челични произвиди (Факом, Метална и редица помали производни капацитети), кај производителите на челични цевки (ИГМ Трејд, ФЗЦ Куманово, Металпромет Струмица), како и кај производителите на феролегури (Еуроникел, Скопски легури за која слушам дека ги прави завршните подготовки за рестартирање на производството) и бројните останати производители на влезни суровини, материјали, енергенси, технички гасови и сл. за металургијата.

Жалосно што Југохром заради еколошките забрани не беше во можност да ги искористи овие поволни пазарни прилики и да ги ефектуира своите производни потенцијали.

Дали и како ваквите позитивни тенденции ќе влијаат врз самите работниците, нивната плата?

Нема никаква дилема дека овие позитивни пазарни движења ќе имаат и поволни рефлексии врз личните примања и други принадлежности на работниците во оваа индустрија и дека ќе ја направат поатрактивна за нови вработувања во наредниот период. И тие движења заради ефектот на мултипликацијата ќе се почувствиваат низ целиот систем на репродукцијата, ќе имаат позитивен импакт на даночните приходи, на вкупната вработеност и на поддршката на редица активности од интерес на пошироката заедница (хуманитарни, културни, спортски, научни…).

Челикот претставува базна суровина која се користи во индустријата и го придвижува целото стопанство. Како овие нагорни тенденции ќе се рефлектираат врз целокупната енономија на државата?

Овие случувања на пазарот на челик уште еднаш го потврдија исклучителното, иако често оспорувано значење на оваа базна индустриска гранка која и во светски рамки со својата широка гама на производи е најзначајниот двигател на вкупната економска активност.

Уште е понагласено нејзиното место како водечка извозна индустрија со забележителни нето извозни ефекти.

Но пред се и над се поимањето дека токму оваа индустриска гранка е силен развоен потенцијал за повисок степен на диверсификасија и финализација на нејзиниот производен аутпут кон производи со повисока додадена вредност, што е најголемиот структурен проблем на нашата економија на нејзиниот пат кон подинамичен економски напредок.

К.В.С.

Слични содржини