Иран гради четири нуклеарни централи

од Stefanija Kuzmanovska

Иран започна со изградба на четири нуклеарни централи со вкупен капацитет од 5.000 мегавати, објави денеска државната новинска агенција ИРНА.

Нуклеарните централи се градат во пристанишниот град Сирик, на јужниот брег на Иран, 1.150 километри јужно од главниот град Техеран.

Предвидено е изградбата на четирите нуклеарни централи да трае девет години. Проектот ќе чини 20 милијарди долари и ќе отвори 4.000 работни места. Се очекува секоја централа да користи 35 тони нуклеарно гориво годишно.

Иран сака да достигне 20.000 мегавати во нуклеарните централи до 2041 година.

Иран моментално има само една оперативна нуклеарна централа од 1.000 мегавати, изградена со помош на Русија во 2011 година, а исто така гради една од 300 мегавати во близина на границата со Ирак.

Меѓународната агенција за атомска енергија минатата година објави дека Иран го зголемил збогатувањето на ураниум потребно за производство на оружје. Западот подолг период се сомнева дека Иран работи на нуклеарно оружје, додека Техеран ги негира овие наводи.

Слични содржини