Иран пред ОН вети дека Израел ќе „зажали“ за секој напад врз нив

од Nikola Popovski

Иранскиот министер за надворешни работи вчера пред Советот за безбедност на ОН вети дека Техеран ќе го натера Израел да „зажали“ доколку изврши напад врз нивната земја.

„Акциите на легитимната одбрана и контрамерките на Иран завршија, според тоа израелскиот терористички режим треба да престане со секоја нова воена авантура против нашите интереси“, рече министерот Хосеин Амир-Абдолахиан на седницата на Советот за безбедност посветена на Блискиот Исток.

„Во случај израелскиот режим да употреби сила и да го наруши нашиот суверенитет, Иран нема да се двоуми ниту за секунда да ги потврди своите права, да одговори одлучно и адекватно за да го натера режимот да зажали за своите постапки“, додаде тој.

Израел претходно објави дека го задржува правото да се брани од Иран по нападот овој викенд со повеќе од 350 беспилотни летала и проектили испратени кон еврејската држава, од кои речиси сите беа пресретнати во лет. Сепак, Израел не кажува кога и како би ја спровел евентуалната операција.

Иран го започна нападот врз Израел како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск на почетокот на април, припишан на Израел, во кој загинаа неколку членови на иранската Револуционерна гарда, вклучително и двајца команданти.

Иран го нарече „ограничен и пропорционален“ својот напад врз Израел, извршен како одговор на израелскиот напад врз неговиот конзулат и дека со тоа покажал „воздржаност“.

Слични содржини