Испраќањето луѓе на Месечината ќе чини најмалку 30 милијарди долари

од Vladimir Zorba

За спроведување на програмата „Артемида“ и создавање услови за постојано човечко присуство на Месечината, ќе бидат потребни околу 20-30 милијарди долари. Тоа не е буџетот на НАСА, туку само дополнителни трошоци за следните пет години од програмата, објави во неодамнешно интервју шефот на американската вселенска агенција НАСА Џим Брајденстин, цитиран од РИА Новости.

Првите информации дека НАСА планира да изгради орбиталата станица во близина на природниот сателит на Земјата, се појавија во 2016 година. Во есента на 2017 година претставници на агенцијата официјално ги потврдија овие намери и потпишаа меморандум за соработка со Роскосмос. Како дел од постигнатите договори, Русија мораше да изгради модул за идната орбитална станица. Подоцна, Канада се придружи на иницијативата.

Во пролетта на 2019 година, плановите на НАСА и американската влада се променија, по што месечевата програма „Артемида“ беше поделена на две компоненти. Според новите планови, НАСА нема да гради целосно месечевата станица, туку ќе создаде само еден од модулите, кој ќе ја игра улогата на своевиден пункт за преминување пред астронаутите да слетаат на површината на Месечината.

Освен тоа изградбата на овој модул ќе се врши од приватната компанија Maxar која веќе учествувала во спроведувањето на голем број вселенски проекти. Сите други модули на орбиталата станица ќе бидат развиени и создадени по првото слетување на астронаутите на површината на Месечината.

Втората фаза во спроведувањето на програмата „Артемида“ подразбира значително проширување на станицата на Мсечината, што ќе му овозможи да стане тест место за подготовка за лет до Марс.

До сега, Џим Брајденстин одби да ја спомне приближната вредност на исполнувањето на програмата за Месечината, велејќи дека многу точки од неа сѐ уште треба да се развијат и да се усогласат. Износот на објавените финансиски средства го надминува јазот помеѓу сегашниот буџет на НАСА и барањето испратено до Конгресот на САД како дел од нацрт-буџетот за 2020 година.

Ова може да значи дека НАСА ќе треба да ги прошири своите барања во иднина. Претходно, претставници на агенцијата рекоа дека во случај на неуспешни разговори за буџетирање, НАСА ќе мора да ги намали финансиските средства за некои други проекти. Но, Брајденстин е убеден дека спроведувањето на лунарната програма нема да влијае на други проекти.

Слични содржини