Јовановски: Државните институции одбиваат да ги имплементираат мерките против загадувањето

од Ивана Рамаданова

Горјан Јовановски, младото и перспективно момче кое живее и работи во Холандија е авторот на апликацијата „Мој воздух“ која направи бум и изврши големо влијание врз македонското општество.

Како дел од групата активисти, Јовановски бара начин како да помогне околу проблемот со енормното загадување на воздухот.

Комбинирајќи ги пасијата за технолоција и зелена средина, ја креира „МојВоздух“, апликација која што го прикажува степенот на загадување низ целата земја.

Со над 100.000 преземања, „МојВоздух“ бргу ја дига јавната свест околу загадувањето.

Локално: Како настана идејата за создавање на најкористената апликација овде кај нас „Мој воздух“?

„МојВоздух“ беше моја прва Android нативна апликација, и преку неа планирав да научам како да програмирам мобилни апликации. Кога ги пронајдов податоците за загадувањето на воздухот, решив дека може е интересно нешто да се искористи од едукативен аспект за моите идни корисници.

Локално: Очекуваше ли дека ќе има толкав импакт во јавноста и дали сметаш дека истата ја подигна свеста кај луѓето?

 Дефинитивно не очекував таква реакција, со над 10.000 преземања во првите неколку месеци. За мене беше шок, и секако и апликацијата не беше спремна за толку корисници, па требаше време за да ја оптимизирам и брзо да научам да програмирам. Но сепак, инвестираното време целосно се исплати, бидејќи сега луѓето знаат точно каков воздух дишат, дека не е само загадено, туку конкретно е лоша состојбата.

Локално: Колку места опфаќа оваа апликација?

Во моментов апликацијата е активна во 10 земји, цела Ек-Југославија, Албанија, Грција и Романија. Сакам целосно да го покријам балканот, и понатаму други критични точки низ светот, како Индија и Кина.

Локално: Што значи да се биде еко-активист и колку е напорна борбата во сето тоа?

Еко активизмот бара многу напор, работа, следење на новости и реагирање во секој момент. Дефинитивно не е лесно, но сепак знаејќи дека мојата работа придонесува до подобар живот и иднина за моите сограѓани, ми дава незапирлива мотивација да продолжам да го правам ова и ден и ноќ.

Локално: Колку активизмот (во борба за чист воздух) до сега вродил со плод и дали свеста кај граѓаните се буди или стануваме средина во која владее се повеќе апатија?

Мислам дека има доста позитивни работи од активизмот во Македонија. Се формираат здруженија, имаме голем излез на протести, луѓе си ги менуваат своите навики, и ставаат поголем притисок врз надлежните за да се реши овој проблем. Иако има голем број на граѓани што одбиваат да излезат од нивната комфорт зона, сепак тие што го прават тој чекор, ги мотивираат останатите!

Локално: Што според тебе треба и може да се направи за да се намали загаденоста на воздухот во Скопје и генерално во Македонија?

Има многу работи, но најпрво треба да се направи екстерно независно истражување од странска лабораторија за точно да се заклучат изворите. Државата вели дека тоа е загревањето на домовите, но активистите велат дека и индустријата игра голем удел. Кога точно ќе знаеме, без сомнежи, колкав е уделот на секој загадувач, ќе може да се преземат конкретни мерки.

Локално: Дали може да се искористи некое европско или светско искуство за успешно справување со загадениот воздух?

Дефинитивно, од проста гасификација, до менување на инфраструктурата на патиштата да преферираат јавен транспорт и велосипеди над автомобили, до строги казни за секој што го задагува воздухот. Овие мерки не се нови, но до сега државните институции некако одбиваат истите да ги имплементираат.

Локално: Дали институциите прават доволно за да се реши овој проблем и колку си задоволни од нивниот однос кон овој проблем?

Според мене, има многу свесни и компетентни вработени во државните институции, што навистина сакаат да помогнат кон решавање на овој проблем. Но поради притисоци и надворешни интереси, нивните напори се спречени. Односот на институциите често се сведува на состаноци, потпишување меморандуми и ПР настани, но кога станува збор за големи мерки што навистина ќе имаат импакт, тие се бројат на прсти. Треба храброст за овие чекори, се слагам, но доколку никој нема храброст, нема никогаш да го решиме овој проблем.

Локално: Како интернет активизмот може да помогне при подигање на свеста и решавање на проблемот со загаденоста на воздухот?

Интернетот дозволува секој да има пристап до секаква информација во кое било време. Благодареније на интернетот, МојВоздух го постигнува тој ефект на едуцирање на граѓаните, и верувам дека отворен и слободен интернет е клучно нешто во секое демократско општество.

Локално: Што ѝпрепорачуваш на твојата генерација?

Активирајте се, мои пријатели, од нас зависи иднината на светот. Не очекувајте дека некоја виша сила, влада, или инстутиција ќе ги реши проблемите. Доколку ние не направиме чекор сега, ризикуваме да нема свет за нашите деца и внуци. И активистите пијат кафе, и активистите имаат социјален живот, едното не го исклучува другото. Секоја идеја што ја имате е добра, споделете ја и спроведете ја!

И.Р.

Слични содржини