Јовески ја суспендираше Русковска, оставка поднесе директорот на финансиска полиција

од Берта Китинска

Шефицата на обвинителстовото за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска е времено отстранета од работното место, потврди таа за медиумите.
Одлуката за суспензија е донесена откако против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска е покрената дисциплинска постапка, поради претресот во финансиската полиција. Се бара утврдување на одговорност за трите обвинителки.

Кривична пријава против неа поднесе директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми.

„Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство. Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“, претходно соопштија од Јавното обвинителство.

Оставка од функцијата поднесе директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми.

Директорот на Управата информира дека по своја сопствена волја се повлекува од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција, имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување.

„Имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, по своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција. Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.Денешната одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија даде јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви“, вели Муареми.

Слични содржини