Каде е Пригожин? Неговата судбина е непозната, сè укажува на нови неволји во Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Бизарната приказна за Евгениј Пригожин, поранешен близок пријател на Владимир Путин, кој изврши државен удар на крајот на минатиот месец, стана уште почудна.

Водачот на „Вагнер“, кој водеше деловна империја која вклучуваше угостителска компанија вредна повеќе милијарди долари и медиумска групација – започна бунт на 23 јуни против врвот на војската на Путин.

Бунтот беше задушен со договор со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко. Како дел од договорот, Пригожин требаше да ја напушти Русија и да се пресели во Белорусија. Неговите луѓе имаа три избори: да го следат Пригожин во Белорусија, да се приклучат на редовната руска армија или да престанат да се борат и да се вратат дома.

По задушувањето на бунтот, Лукашенко тврдеше дека Пригожин навистина пристигнал во Белорусија. Но, со недели никој не можеше да го потврди тоа. А потоа во четвртокот, Лукашенко се демантираше себеси, велејќи за Си-Ен-Ен дека Пригожин е во Санкт Петербург и дека можеби ќе патува за Москва или на некое друго место.

Во секој случај, додаде Лукашенко, Пригожин не е таму каде што треба да биде, ниту борците на Вагнер се во логорите што владата на Лукашенко наводно им ги поставила во земјата. Ова доведе до прашања за судбината на водачот на „Вагнер“.

Во меѓувреме, руската државна телевизија објави снимка од безбедносните сили како упаднале во резиденцијата и канцеларијата на Пригожин во Санкт Петербург. Неговата палата има базен, приватна операциона сала, дури и наменска сала за молитва, како што ја опишуваат руските медиуми. Наводно, безбедносните службеници пронашле околу 110.000 долари во готовина, златни прачки, оружје и перики, за кои се верува дека Пригожин ги користел за маскирање.

А потоа неколку часа подоцна беше објавено дека му се вратени пари и оружје. Тоа додава уште еден слој на мистерија на случајот, бидејќи Путин, барем засега, го остави Пригожин на слобода, иако тој не го почитуваше договорот на Лукашенко.

Единственото нешто што е јасно е дека Путин ќе мора да го реши овој „спор“, збор кој руските мафијаши го користат за да ги опишат нивните внатрешни судири.

А тоа навестува поголема репресија, повеќе „израмнување на сметките“ и повеќе борби зад затворени врати во Путинова Русија, заклучува Си-Ен-Ен.

Пригожин сè уште не се огласил.

Слични содржини