Кина ги менува правилата за однесување на интернет – граѓаните ќе одговараат за нивните лајкови

од Vladimir Zorba

Корисниците на Интернет во Кина наскоро ќе бидат одговорни за лајкување на објави кои се сметаат за нелегални или штетни. Објавувањето на новата регулатива предизвика стравувања дека Кина планира да воспостави уште посилна контрола врз социјалните медиуми. Новите правила ќе стапат на сила на 15 декември.

Заострувањето на сајбер регулативата доаѓа во момент кога кинеските власти се обидуваат да го спречат несогласувањето на Интернет, поради зголемениот гнев во јавноста поради строгите мерки против пандемијата. Управата за кибер простор на Кина (CAC) издаде серија насоки претходно овој месец.

Регулативата е ажурирана верзија на претходно објавена во 2017 година. Новата регулатива за прв пат наведува дека „лајковите“ на јавни објави мора да бидат регулирани, заедно со други коментари. Така, јавните сметки ќе мора активно да го проверуваат секој коментар под нивните објави, пишува CNN.

Инаку, CAC работи под Централната комисија за прашања на сајбер просторот со која претседава кинескиот лидер Си Џинпинг. Да потсетиме, минатиот викенд илјадници демонстранти протестираа во десетина кинески градови барајќи укинување на драконските мерки за корона.

Новоусвоените правила сè уште немаат прецизно дефинирано која содржина ќе се смета за нелегална или штетна.

„Заканата за кинеската Комунистичка партија е способноста на граѓаните од различни градови да комуницираат. Властите мора да биле многу исплашени кога толку многу луѓе во толку градови излегоа во исто време“, рече Дејвид Цвајг, професор на Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг.

„Властите се многу загрижени поради ширењето на протестните активности, а важно средство за контрола е да се запрат комуникациите од потенцијалните демонстранти, вклучувајќи известувања за активности на демонстрантите и покани да им се придружат“, рече Џозеф Ченг, пензиониран професор по политички науки.

Слични содржини