„Кој ќе крене рака на Бугарин, ќе остане без неа“, се закани основачот на фондација „Македонија“

од Nikola Popovski

Основачот на фондацијата „Македонија“ Виктор Стојанов преку објава на социјалните мрежи се закани дека „кој ќе крене рака на Бугарин, ќе остане без неа“.

-Ние ќе дојдеме илјадници. На нашиот брат му посакуваме брзо закрепнување! Денеска очекуваме брз и адекватен одговор од Бугарија! А очекуваме и реакција од бугарското општество! Затоа што Бугарите во Северна Македонија ги тепаа по улица! Сакаме Северна Македонија брзо да ги уапси и обвини тројцата напаѓачи кои му нанесоа телесни повреди на Христијан, напиша Стојанов, откако денеска беше потврдено дека бил претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.

МВР излезе со детали за физичкиот напад во Охрид, но се уште останува нејасно дали се работи за меѓусебни недоразбирања меѓу сторителите и Пендиков или претепувањето има друга позадина.

Виктор Стојанов е познат по тоа што во март 2021 година преку граничниот премин Деве Баир пробал да внесе во земјава 920 бугарски книги кои биле наменети за Бугарскиот културно-информативен центар, но тогаш Царинската управа на РСМ ги врати книгите назад во Бугарија. По ова, реагираше Амбасадата на Бугарија во Македонија, која испрати протестна нота до македонското Министерство за надворешни работи.

Фондацијата претходно делеше отпечатени примероци од изданието „Голема бугарска читанка или вториот дел на бугарскиот буквар на наречје поразбирливо за Македонските Бугари“.

Фондацијата не крие дека за своите операции и дејствија веројатно се консултираат и координират со официјалните бугарски институции, што може да се забележи од објавените заеднички фотографии со директорката на Бугарската агенција за дијаспора.

Слични содржини