Кои се вчера избраните министри во Владата на Заев

од desk4

Пратениците синоќа на седница за реконструкција на Владата ги избраа новите министри:  Трајан Димковски за нов министер за земјоделство, Насер Нуредини за животна средина и просторно планирање, Хусни Исмаили за култура, Горан Милевски за локална самоуправа, Садула Дураки за политички систем и односи меѓу заедниците.

Премиерот Зоран Заев во кусото обраќање пред гласањето истакна дека реконструкцијата е дел од промените кои ги најавил на сите нивоа, по приемот на пораката на граѓаните на претседателските избори и оти се прави исклучиво во интерес на граѓаните.

Поглледнете ги биографиите на новите министри на Заев:

Биографија на Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање

  Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини е роден во Тетово во 1979 година.

Според неговата биографија доставена во Собранието, основното образование го завршил во земјава, а потоа се школувал во Австрија, Германија и Велика Британија.

Има и австриско државјанство. Оженет е и татко на едно дете.

Работел како аналитичар во B.P Invest consult, во Виена и во Caib International markets Ltd. во Лондон, во Уникредит банка во Лондон, како директор за инвестиции за листирани финансиски компании и недвижности во Источна Европа, независен советник за М&A. Како аналитичар учествувал во приватизација со инвестиции и советодавни активности за владите во Југоисточна Европа.

Се занимавал и со хуманитарна дејност, а имал и уметнички изложби.

Од странски јазици зборува англиски, германски и италијански.

Биографија на Садула Дураки, министер за политички систем и односи меѓу заедниците

Новозибраниот министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи межу заедниците Садула Дураки, е роден 21 јануари 1960 година во Липково. Тој е инженер по машинерија, а дипломата ја стекнал на Техничкиот факултет на Универзитетот во Приштина.

Дураки на оваа функција доаѓа од Министерството за животна средина и просторно планирање, со кое раководеше од 2017 година.

Претходно тој во два мандата бил градоначалник на општина Липково, бил директор на Агенцијата за развој и инвестиции, а во 2006 година бил избран за пратеник во Собранието на Република Македонија.

Претходно, во 2004 година Дураки бил избран за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во 2002 ја извршувал функцијата заменик-директор на Царинската управа на РМ.

Говори албански, македонски и германски јазик. 

 

Биографија на Горан Милевски, министер за локална самоуправа

 

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски е роден во Битола во 1978 година. Член е на Либерално-демократската партија од 1995 година, а од 2015 година е претседател на ЛДП.

Тој е дипломиран економист со насока на меѓународна економија. Магистер е по Бизнис администрација МБА – Менаџмент на Економскиот факултет во Прилеп.

Во 2016 година е избран за пратеник во Собранието на Реублика Македонија. Бил копретседател на Мешовитиот парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација МК-ЕУ, претседател на Пратеничката група на Собранието со Парламентот на Кралството Данска.

Пратеничката функција ја извршувал и од 2014 до 2016 година.

Од 2004 до 2014 бил наставник во Средното општинско економско училиште „Јане Сандански“ – Битола по економски предмети.

Во периодот од 2009 до 2013 година е избран за советник во Советот на општина Битола, како член на коалициона листа.

Од 2005 до 2009 година е избран за советник во Советот на општина Битола, како носител на листата на ЛДП.

Од странски јазици го познава англискиот јазик.

Биографија на Хусни Исмаили, министер за култура

Ревматологот од Тетово и професор на Медицинскиот факултет на Тетовскиот универзитет д-р Хусни Исмаили, роден во 1963 година, е избран за нов министер за култура, по оставката на неговиот сопартиец од „Алтернатива“ Асаф Адеми.

Медицинско образование Исмаили стекнал на Скопскиот универзитет и на Универзитетот во Тузла, Босна и Херцеговина. Автор и коавтор е на голем број научни трудови, изданија-прирачници од областа на ревматологијата, клиничка кинезиологија и кинезитерапија, учествувал во медицински проекти и на домашни и меѓународни научни конференции и конгреси.

Во неговата биографија доставена до Собранието пишува дека учествувал во бројни активности од културата во земјава – уредник на книги, на радиодрами и радиоемисии (1998-2002), уредник на 80 документарни ТВ-програми на албански јазик, организатор на првиот саем на книга на приватни албански издавачки куќи во 1993, меѓу основачите и член на Управниот одбор на издавачката куќа „Логос А“ од Скопје во 1991 и еден од основачите на културно-хуманитарната организација „Мерхамет“ во Скопје во 1999 година.

Доцент е на Медициснкиот факултет на ДУТ, а претходно работно искуство има како професор во средното медицинско училиште „Никола Штејн“, матичен лекар и специјалист-интернист во приватни здравствени установи во Тетово

Биографија на Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

Новоизбраниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, е роден на 8 ноември 1967 година во Куманово. Тој е дипломиран земјоделски инженер, а дипломата ја стекнал на Земјоделскиот факултет во Скопје.

Од март 2019 година Димковски е раководител на Сектор за рурален развој при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а од јуни 2017 до изборот за раководител на овој Сектор бил шеф на кабинет на досегашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Додека ја извршувал функцијата раководител на Секторот за рурален развој, учествувал во подготвување  годишни програми, планирање и нивно спроведување.

Целиот свој професионален век тој работи на позиции поврзани со земјоделството. Претходно бил и посебен советник на Николовски, кога тој беше дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката Влада пред парламентарните избори.

Димковски ја извршувал и функцијата Извршен директор во Федерацијата на Фармери во Република Македонија, координатор на проект за поддршка на земјоделски здруженија, SAFARM2, како и менаџер на здружение на земјоделски производители-Куманово.

Слични содржини