Ковачевски: Нека ни остане засекогаш во паметење денот кога МПЦ-ОА ја стекна својата автокефалност

од Берта Китинска

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски оствари средба со поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископот охридски и македонски Г.Г. Стефан, по повод одлуката за стекнување автокефален статус со кој МПЦ-ОА се прифаќа како еднаква со другите сестрински цркви во православната заедница.

-Во мое лично име и во името на Владата на Република Северна Македонија, Вам, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во нашата земја Ви ја честитам историската одлука МПЦ-ОА да биде прифатена како автокефална црква, кажал Ковачевски.

Тој посочил дека треба да се горди за затоа што на нивната генерација ѝ припаднала честа и подвигот МПЦ-ОА, како наследничка на древната Охридска Архиепископија, да биде впишана како автокефална.

-Ваше Блаженство, го избравте единствениот пат за решавање на заслужениот статус на МПЦ-ОА. Со оваа канонски исправна одлука, со радост и без најмала воздржаност ќе ја дочекаме заедничката служба со претставниците на останатите православни цркви во седиштето на Цариградската патријаршија со која ќе се прифати МПЦ-ОА како рамноправна сестринска црква.На верниот македонски народ му честитам на трпеливоста и на истрајноста. На вербата дека заслужуваат да го дочекаат денот кога ќе бидат прифатени во љубов и кога ќе се радуваат на возобновена Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ како еднаква и официјално прифатена во заедницата православни цркви, кажал премиерот.

Ковачевски посочил дека во овој историски чин за прифаќање на МПЦ-ОА како канонска автокефална црква се вградени и големите дела на Светите Кирил и Методиј, на Свети Климент, како и делата на сите останати црковни и духовни големци во редот на историјата на нашата земја.

-Од духовните плодови и придонес на тие наши големци во историската низа на нашиот континуитет, денес Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа.Нека ни остане засекогаш во паметење денот кога МПЦ-ОА ја стекна својата автокефалност, подвлекол премиерот.

Слични содржини