Ковачевски за случувањата во АА: Местото на партиите е во коалиции кои делат исти вредности

од Nikola Popovski

Македонија има изградено високо демократско општество во кое што секоја политичка партија, но и секој поединец може слободно да ги носи своите одлуки. Сметам дека местото на политичките партии прво е во коалиции кои делат исти вредности, изјави денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, запрашан што би се случило доколку Алијанса за Албанците замине во опозиција.

Ковачевски го повтори ставот дека се уште важи понудата од СДСМ до сите оние политички партии, невладини организации и други организации и поединци кои ја делат визијата за Европска Македонија, да им се приклучат на изборите на 24 април и 8 мај.

Сепак, лидерот на СДСМ  и поранешен премиер не сакаше да ја коментира поделеноста во АА, бидејќи, како што кажа станува збор за друг политички субјект и нивните партиските органи и нивните функционери се тие кои што треба ги дадат одговорите и излезат со став.

Да се држиме до самостоен изборен настап, напиша синоќа генералниот секретар на Алијанса за Албанците и министер за правда, Кренар Лога, откако првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари јавно побара партиските органи да донесат одлука за настап со албанската опозиција на претстојните избори.

„Ве информирам дека Алијанса за Албанците не разгледува никакви барања до своите партиски тела, Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание за изборите. Во сила има одлука на Централното претседателство, кое е изгласано едногласно да излеземе на избори сами. Го повикувам Собранието да се придржува до едногласниот предлог на Претседателството, а тоа е АА да излезе сама на парламентарни избори“, објави Лога на Фејсбук.

Лидерот на партијата, Таравари истакна: „Граѓанинот бара Промена! Народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Северна Македонија. Како претседател на Алијанса за Албанците, јавно го повикувам партиското Собрание да ме поддржи на ова патување и заедно да го поздравиме овој процес кој го нарекувам голема и долго чекана промена“.

Се огласи и претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на АА, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша дека тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела. Села вели дека како претседател на Централното собрание на Алијансата за Албанците не е информиран за никаква понуда за коалиција со друга политичка партија.

Слични содржини