Кралот Чарлс го протерува Ендру од кралското семејство поради новите наводи во случајот Епстајн?

од Stefanija Kuzmanovska

Принцот Ендру никогаш нема да се врати во кругот на британското кралско семејство по објавувањето на документите во кои се детализирани наводите за секс скандалот со малолетничка и поврзаноста со Џефри Епстајн, објавија британските медиуми.

Документите објавени од судот во Њујорк вчера повторно ја вратија во центарот на вниманието поврзаноста на војводата од Јорк, принцот Ендру со педофилот Џефри Епстајн, со тврдења дека принцот извршил „сексуална злоупотреба“ и учествувал во „оргија со малолетници“.

И покрај ова, Ендру жестоко и постојано ги отфрли сите обвинувања против него. Добро поставени извори за Daily Mail вчера изјавиле дека, иако тврдењата на судот не биле изненадување, тие ќе послужат за „кристализирање“ на одлучноста на кралот Чарлс конечно да го реши „проблемот Ендру“.

Неодамна објавените судски документи се верува дека ја зајакнале одлучноста на кралот дека на Ендру никогаш повеќе нема да му биде дозволено повторно да ги преземе кралските должности.

Веќе се работеше на планови да го исфрлат од „Ројал лоџ“, неговиот дом со десет спални соби во Виндзор, каде што живее од 2003 година, и да го преместат во помала резиденција во согласност со неговиот статус на „понизок ранг“.

„Кога станува збор за каква било јавна улога на неговиот брат, нема враќање назад. Секогаш постоеше договор дека на Ендру ќе му биде дозволено да присуствува на приватни и семејни настани, како што е негово право. Но, не јавни или официјални. Тоа не се промени“, изјавил изворот за Daily Mail.

Ендру веќе ги отфрли барањата на Чарлс да се пресели во помалата куќа Фрогмор, која претходно им припаѓаше на Хари и Меган пред да заминат во САД. Сега е јасно, пренесуваат британските медиуми, дека во наредните месеци кралот ќе го зголеми притисокот да го пресели својот брат.

„Кога станува збор за семејството, тешко е. Но, ова никогаш нема да исчезне. А тоа значи дека тој (Ендру) мора“, додава изворот.

Да потсетиме, новооткриените документи се однесуваат на случај покренат во 2015 година на Менхетен. Во нив, Вирџинија Џуфре, ја обвинува Гислејн Максвел, која била нешто како „мадам“ за Епстајн и ги подведувала неговите девојки. Британскиот принц бил наведен меѓу оние кои биле блиски со осудениот педофил.

Ендру, кој со години се обидуваше да го обнови својот уништен имиџ во јавноста, е именуван 69 пати во новите досиеја, заедно со десетици други познати и богати луѓе кои се спријателиле и работеле со починатиот финансиер, кој беше осуден за подведување и злоупотреба на малолетници.

Во документите, најмногу привлекуваше вниманието сведочењето на „Џејн До 3“ – подоцна идентификувана како г-ѓа Џуфре – која тврди дека била принудена да има секс со Војводата во три наврати, вклучително и кога имала 17 години.

Таа тврди дека Епстајн ѝ наредил „да му пружи на принцот сè што ќе побара“, вклучително и „оргии со многу други малолетни девојчиња“ на карипскиот остров Литл Сент Џејмс на финансиерот.

Слични содржини