Кунгуловски за делта сојот: Ризикот за зараза е 10-20 пати намален во споредба со невакцинираните

од Nikola Popovski

Доктор Горан Кунгуловски, коосновач на Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“, прогнозира дека во Македонија, пикот на делта-сојот најверојатно ќе биде кон средината на септември.

-За делта-сојот потребно е пократко време од контакт до PCR позитивен резултат при инфекција со делта сојот. Ако со изворниот сој просекот бил 5.7 денови, со делта сојот е 3.7 денови. И тоа со делта, околу 12.5% стануваат позитивни после 2 дена, 27% после 3 дена, 20% после 4 дена, 24% после 5 дена и останатите после 6 или 7 денови. Кај заразените со делта сој се детектира просечно околу 1000 пати повисока концентрација на вирус отколку со изворниот сој, информира Кунгуловски.

Според него, бидејќи времето од контакт со PCR позитивитет е намалено и бидејќи концентрацијата на вирус е повисока, ќе треба АГРЕСИВНО следење на контакти и изолација на заразените и нивните контакти.

-Исто така одговорност и на населението коешто нема решенија, ама има сознанија за контакт со позитивен или за појава на симптоми.Бидејќи концентрацијата на вирус е повисока, таа спаѓа во опсегот на детекција на рапид антигенските тестови. Значи 70-80% од PCR позитивните би се детектирале и на рапид антигенски. Ова ќе овозможи побрзо тестирање и скрининг на населението, објавува Кунгуловски.

Според него, вакцините сеуште си ја вршат својата работа.

-Во зависност од вакцината, ризикот за зараза е 10-20 пати намален во споредба со невакциниран (непрележан). Значи луѓето сеуште може да се заразат, посебно тие што се во постојан контакт со заразен, ама веројатноста е драматично намалена. Вакцинираните покрај тоа што имаат помала веројатност да се заразат, доколку се заразат имаат помала шанса да заразат некој друг. Вакцините сеуште си ја вршат својата работа. Во зависност од вакцината, ризикот за сериозни симптоми и смртен исход е десетици можеби и стотици пати намален во споредба со невакциниран (непрележан). Пример ако кај невакцинирано население би имало 20 смртни исходи, кај вакцинирано би имало 1, потенцира Кунгуловски.

Тој апелира дека неопходно е приоритетно вакцинирање на постарото население и населението со коморбидитите.

-Така ќе се намали бројката на сериозно болни и бројката на смртни исходи. Со понатамошна вакцинација и евентуално трета доза, ќе може да се намали и ланецот на трансмисија. Така ќе се сузбие пандемијата, пишува Кунгуловски.

Слични содржини