Кузеска: Градоначалникот на Охрид доделил пари на клуб во којшто е основач

од Nikola Popovski

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, доделил пари на ракометен клуб во кој самиот тој е основач. Над 250 илјади евра се исплатени на ГРК Охрид од општина Охрид како директна поддршка вели портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

-Овие суми ги потврдува и Службениот гласник на општина Охрид број 14 од 28.12.2023 година. Сопственик на ГРК Охрид АД Охрид е РК Охрид 2013 каде основач на ракометниот клуб е токму градоначалникот Кирил Пецаков. Значи Пецаков преку општината индиректно си префрла пари на самиот себе си. Директор на ГРК Охрид е Славчо Ристески, десна рака на градоначалникот Пецаков, воедно вработен во ЈП Охридски комуналец. Дали е ова случај на судир на интереси треба да утврди Државната комисија за спречување корупција. Надлежно обинителство пак треба да утврди дали е прекршен кривичниот законик бидејќи градоначалникот доделил средства на клуб којшто е токму тој основач, рече Кузеска.

Според неа, нема општина во државата која е водена од ДПМНЕ а за која нема скандал поврзан со финансиите, јавните набавки и парите на граѓаните.

Претходно од партијата власт бараа надлежното Јавно обвинителство да постапи и да ги истражи сомнителните јавни набавки со астрономски цени во општините раководени од градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Новата афера на градоначалниците на ДПМНЕ кои купувале неколкупати поскапи машини од реалната цена мора да се расчисти. Според јавно достапни документи општина Битола за речиси 50.000 евра набавила машина за бележење хоризонтална сигнализација. Иста машина набавила општина Велес по цена од 40.000 евра, посочуваат од владеачката партија.

Според СДСМ, овие цени се драстично повисоки од реалните цени на пазарот. Велат дека исти вакви машини може да се најдат и по 3 и до 5 пати помали.

Слични содржини