Лајчак: Понатамошна ескалација на Косово не е опција, кризата може да се прелее во регионот

од Vladimir Zorba

Говорејќи во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Специјалниот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак рече дека натамошната ескалација на Косово не е опција и дека е време да се смени курсот.

Тој рече дека земјите-членки на ЕУ ќе одлучат за евентуалните последици за двете страни.

„Но, знаеме какви ќе бидат последиците ако нема деескалација на теренот. Ќе има дополнително насилство. Затоа е наша одговорност да не дозволиме да се случи такво нешто“, рече Лајчак.

Тој изјави дека властите во Белград и Приштина разбираат дека е неопходна деескалација, како и одржување нови избори.

Сепак, како што рече, на минатонеделната средба во Брисел, Белград и Приштина не успеаја да се договорат за понатамошни конкретни чекори, иако претставниците на Европската унија претставија сеопфатен патоказ.

„И покрај нашите најдобри напори, не успеавме да постигнеме одржлива деескалација. Наместо тоа, имаше насилни судири, апсења и реторика од двете страни насочени против САД и другите партнери“, рече Лајчак во дискусијата во Комитетот за надворешни работи за актуелната криза.

Тој изјави дека на средбата во Брисел на косовскиот премиер Албин Курти и на претседателот на Србија Александар Вучиќ им бил презентиран документ за чекорите за деескалација.

Според него, од Белград било побарано да се прекинат секојдневните протести на граѓаните на Косово, да соработува во процесот на гонење на сторителите, да ги ослободи полицајците и „да нема ново движење на силите кон границата“.

Од друга страна, наведува тој, од властите во Приштина се бара градоначалниците Албанци да работат од алтернативни места, повлекување на косовските полицајци од општинските згради и укинување на блокадата за увоз на стоки од Србија во Косово.

Тој го пофали ослободувањето на тројцата косовски полицајци уапсени од српските власти.

„Тоа е позитивна работа, но жал ни е што инцидентот воопшто се случи и што ослободувањето траеше толку долго“, рече Лајчак.

Додаде дека поради сегашните односи меѓу Белград и Приштина, постои голема пречка за двете страни на нивниот пат кон Европската унија.

„Сакаме тоа да го промениме“, нагласи Лајчак.

Тој изјави дека постои страв од прелевање на кризата во целиот регион, како и дека ситуацијата нема да се деескалира доколку не почне имплементацијата на договорите постигнати годинава во Брисел и Охрид.

Специјалниот претставник на ЕУ истакна дека е „штета“ што во време кога главна тема треба да биде руската агресија врз Украина, Европскиот парламент се занимава со кризата во Косово, „и покрај постоењето на јасна платформа за нормализација на односите“.

Зборувајќи за улогата на Соединетите Американски Држави, Лајчак рече дека ЕУ и САД имаат најдобра соработка досега на ова прашање, а Вашингтон е загрижен и за ситуацијата на Косово.

Според него, САД очекуваат Европската унија да реагира одлучно и да не дозволи никаква нестабилност.

Одговарајќи на европратениците кои изјавија дека ЕУ е на страната на Белград, а не на Приштина, Лајчак рече дека „нема луксуз да избира страна“.

„Мојата страна е мир на теренот и континуиран процес на нормализација“, рече тој.

Зборувајќи за договорот од Охрид, Лајчак изјави дека договорот не е потпишан затоа што е невозможно српскиот претседател Александар Вучиќ да прифати Косово и Србија да бидат третирани како рамноправни страни.

Сепак, според неговите зборови, партиите прифатиле договорот да се официјализира со изјавата на високиот претставник на ЕУ, Жосеп Борел.

Тој додаде дека договорот е правно обврзувачки „во целост“.

Слични содржини